Јас сум трансексуалец….. во Македонија

Целокупната сексуалност и родот се многу комплексни теми кои често пати не се целосно разбрани. Сексуалноста е креирана под влијание на социо-културни и билошки фактори. Овој пост ќе го посветиме на трансродовите личности.

Овој термин се користи глобално за сите индивидуи, групи на луѓе, како и одредени видови на однесување врзани со овие индивидуи/групи кои се разликуваат од традиционалните родови улоги.  Ова всушност е состојба кога кај едно лице родовиот идентитет (како се чувствува лицето-маж, жена, ниту маж ниту жена или двете) не се совпаѓа со неговиот пол (маж, жена или пак интересексуални личности -личности кои носат карактеристики и од двата пола- личности, порано нарекувани хермафродити). Важно да се напомене дека оваа состојба не сугерира на некоја конкретна секссуална ориентација. Трансродовите личности можат да бидат хетеросексуалци, хомосексуалци, бисексуалци. Исто така некои можат да бидат и асексуални.

Исто така, треба да се напомене дека постојат транс иднетитети кои се разликуваат меѓусебе. Тука може да се напоменат: трансексуалците, cross-dressers, gender queers, андрогините личности, биродовите личности, drag kings & queens  и др.

Во продолжение може да го прочитате интејвуто со Бојан (ова му е псевдоним), транссексуалец од Македонија. Ова интервју беше дел од емисијата „Секси маало“, која се емитуваше на 9-ти мај на Радио МОФ. Благодарност за Коалицијата „Сексуални и здравствените права на маргинализираните заедници која го овозможи ова интервју.

Кога сфативте дека се чувствувате како другиот пол?

Чувството на припадност кон машката популација кај мене било присутно откако знам за себе, уште пред воопшто да дознаам за разликите кои општеството ги прави врз основа на полот на поединецот. Тој несклад кај мене несомнено продолжи да постои и во следните години, низ адолесценцијата и за жал, се’ уште постои, затоа што ја немам завршено правната и медицинската процедура. Ваквото континуирано чувство сосема ги елиминира предрасудите во однос на тоа дека се работи за слободен избор. Да бидеш транссексуална личност воопшто не е избор, изборот се однесува само на начинот на кој ќе го поминете целиот процес.

Како изгледа Вашето секојневие и што работите?

Моето секојдневие изгледа како и кај секој друг човек, единствената разлика е што мојата професија ми овозможува да работам од дома наместо во некоја организација. Кога би ме сретнале, не би забележале ништо, едноставно функционираме како и сите други луѓе, со исклучок на моментите во кои пречките се поставени од страна на институциите и кои често создаваат големи проблеми за нас.

Дали сте дискриминирани? Каде? Како?

Јас се чувствувам дискриминиран пред се’ од страна на државата, поради непостоењето на буквално никакви можности за луѓето како мене да можат да живеат нормален живот, без да бидат дискриминирани поради нивниот родов идентитет. Немаме никакви закони за оваа тема, што претставува директна дискриминација на нашата група за луѓе. Немаме медицински тим, а овој факт го става нашето здравје во опасност, а да не заборавиме дека државата има обврска да обезбеди здравствена заштита буквално за сите свои граѓани. Засега едноставно има некоја неусогласена пракса која не само што е противуставна и прекршува неколку членови од Европската Конвенција за човекови права, туку е далеку од законските прописи кои може да ги земеме како пример од соседните земји, како и од другите држави низ светот.

Насилство?

Се имам соочувано со насилство во повеќе наврати, и морам да посочам дека иако во мојот случај физичкото насилство било многу поретко од психичкото, сепак психичкото е она што остава вистински траги. Самото неприфаќање, караниците и сличните ситуации се нешто кое многу лошо би влијаело на секој човек. Се прашувам што се случува со „Биди тоа што си“? Дали ние сме исклучоци од тоа? Дали е тоа фер? Сметам дека одговорот е јасен.

Прифатени од семејството, околината, пријателите. Да/Не?

Сум имал среќа да бидам прифатен од дел од моето семејство, но повеќето членови беа против тоа, и затоа неколкупати морав присилно да се селам во последнава година и пол. Воопшто не е пријатно искуство, но сепак морам да посочам дека оние луѓе кои ме прифатија, меѓу кои имам многу пријатели и колеги, се оние кои всушност ја одржуваат мојата мотивација да продолжам понатаму и да имам продуктивен живот, искористувајќи го својот потенцијал до максимум.

Што би промениле за да се подобри ситуацијата?

За да се подобри ситуацијата генерално, и кај мене и кај другите транс луѓе, јас би продолжил да бидам активен како што сум сега, па и повеќе. Моите пријатели кои се во иста ситуација, а и јас, сме во секојдневна битка со институциите кои не попуштаат пред нашите очигледни и јасни права, се прекршуваат многу закони а групата на луѓе во која сум и јас имаме голема желба за да помогнеме да се поправи ситуацијата. Има многу транс луѓе кои се плашат отворено да се искажат поради можноста од тотално отфрлање. Сакаме да направиме да им биде подобро. Имаме поддршка од неколку организации за човекови права, и сметаме дека имаме солидна основа за добар напредок. Нештата се поврзани – комплетирањето на мојата постапка ќе биде преседан и основа за донесување закони, и обратно, донесувањето соодветни закони би ми овозможило да ја комплетирам процедурата. Затоа сите работиме заедно.

Лични документи?

Од личните документи го имам променето само името, а матичниот број и ознаката за полот не ми беше дозволено да ги променам, без никакво образложение и без законска основа. Ова е уште еден случај на дискриминација, а воедно и случај на присилна стерилизација од страна на државата, нешто што веќе скоро никаде не се применува. Што ако сум еден од оние кои од одредени причини не сакаат или не можат да ја направат “конечната“ операција? „Тогаш според законските прописи нема да можеме да ви одобриме“ – рекоа од министерството за правда. Кои законски прописи, кога немаме закони за тоа, и кога институциите упорно измислуваат практика која само на нив им одговара?

Операција/третман…Ситуацијата кај нас?

Засега само земам хормонска терапија, која ја плаќам од свој џеб и за која еднаш до двапати годишно морам да патувам во странство за прегледи, на сопствен трошок, а операција немам направено од две причини: 1. Во државава тие хируршки процедури воопшто не се изведуваат, а и нема никаков интерес, главно поради предрасудите кон транс-популацијата и ставот дека ваквите операции се прават по избор, а дека не претставуваат потреба; 2. Надвор од државава, цените се премногу високи. Од една страна државата бара од мене да ги имам направено сите операции за да го променам матичниот број, што го имам на писмено, а од друга страна фондот за здравство одбива да ги финансира операциите во странство, за што, секако, имам писмен доказ. Со други зборови, очекуваат да ги направам на сопствен трошок хируршките интервенции, што сега достигнуваат 15.000 евра, за што имам писмен доказ, а моите месечни приходи се движат од 5 до 6 илјади денари. Ова дава јасна слика за тоа во каква ситуација се наоѓаат транссексуалните лица во државава.

Што би сакале да порачате на останатите?

Би сакал да им порачам да се информираат повеќе на оваа тема, затоа што недоволната информираност на поединците и пред се’ институциите е всушност главната причина за горенаведените проблеми. Би сакал да им објаснам дека се работи за медицинска потреба, за да се обидат да разберат дека и ние сме луѓе како и сите други, луѓе на кои им треба прифаќање и разбирање како и на секој друг човек, дека само сакаме нормален живот со еднакви права како и сите други луѓе.

„Мој избор, моја одлука„

Х.Е.Р.А. ќе ја започне кампањата „Мој избор, моја одлука“. Оваа кампања има за цел да ја зголеми информираноста и свесноста помеѓу младите луѓе во врска со користењето на оралната хормонска контрацепција. Во Република Македонија само 5,6% од студентите користат контрацепција, а за 25% од нив прекинувањето на сексуалниот однос е главен начин на заштита од несакана бременост. Малиот процент на користење на орална контрацепција помеѓу младите е резултат на немањето на пристап до целосни и релевантни информации за орална хормонска контрацепција, односно непостоењето на сеопфатно сексуално образование во нашите училишта. Исто така и оние информации кои се достапни во учебниците се неточни или непотполни, на пример во нив прекинувањето на сексуалниот однос се промовира како метод на контрацепција. Спротивно на Светската здравствена организација во учебниците стои дека оралната контрацецпија „не се препорачува затоа што може да предизвика несакани и трајни последици“. Дополнителна бариера за младите преставува и високата цената на контрацепцијата, односно таа се уште не е покриена од страна на Фондот за здравствено осигурување (не е на позитивна листа).

Поради тоа, во Македонија стапката на тинејџерска бременост е неколкупати поголема од земјите во Европа.

Оваа кампања ќе се спроведува во четири града во Македонија, Битола, Штип, Тетово и Скопје. Преку различни форми на неформално учење, форум театар, проекција на филм, дискусии и трибини со гинеколози, за време на отворените еднодневни младински настани, ќе се пренесуваат најважните информации поврзани со оралната хормонска контрацепција.

Првиот настан, со кој што ќе започне оваа кампања ќе се одржи во Битола на 6-ти мај (недела) во Младинскиот културен центар, со почеток во 14 часот.

За организирањето на настаните во другите градови дополнително ќе ве информираме.

Оваа кампања е поддржана од Европското здружение за контрацепција и репродуктивно здравје.  

Министерот наспроти националната стратегија и препораките на ЦЕДАВ

Во „ Националната стратегија за сексуалното и репродуктивното здравје во Република Македонија (2010-2020)“ е планирана интервенција „вклучување на контрацептивните средства на позитивната листа на лекови“ со цел „да се зголеми пристапот до квалитетни услуги за планирањето на семејството и за изборот на современи контрацептивни методи за сите оние што сакаат да гикористат“. Иако еден од индикаторите во стратегијата е „позитивната листа на лекови е проширена со најмалку 3 различни типови на контрацептивни средства“, министерот за здравство јавно изјавува дека нема да има орални контрацептиви на позитивната листа.

Коалицијата предупредува дека изјавите на министерот се косат, не само со обврските преземени со стратегијата, туку и со препораката на Комитетот на ЦЕДАВ, за програми и политики што ќе им овозможат на жените ефективен пристап до средства и до услуги за контрацепција. Имајќи предвид дека стапката на тинејџерска бременост во Македонија е
неколку пати поголема од онаа во земјите во Европа, Коалицијата се придружува на барањето на Х.Е.Р.А. што побргу да се имплементира „Националната стратегија за сексуалното и репродуктивното здравје во Република Македонија (2010-2020)“, со којашто е предвидено обезбедување на достапна модерна контрацепција и воведување на сексуално образование што ќе вклучува наставни содржини за модерните средства за контрацепциј.

За прашањето на контрацепцијата, но и за многу други, неотварање на центри за зависнотс, хомофобични учебници, владината кампања за абортус и многу други може да прочитате во „Извештајот за сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници“  издаден од Коалиција “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Фестивалот “Ѕуница“ по седми пат

На 18-ти април (среда) со почеток во 19.30 часот, по седми пат ќе се организира фестивалот „Ѕуница“. Програмата на фестивалот преку повеќе проекции на играни и документарни филмови има за цел да даде придонес кон културната сцена на ЛГБТ заедницата кај нас.

Проекциите ќе се одржуваат во Кино ФРОСИНА во МКЦ. Целосната програма на фестивалот можете да ја преземете на следниов линк.

И оваа година тимот на Ѕуница и ЕГАЛ нудат програма со интересни филмови, а кои најчесто и за прв пат се прикажуваат во некоја од кино салите во Македонија.

Дали вестите кај нас се препишуваат или се фабрикуваат?!?

Денес во неколку медиуми кај нас беше пренесена веста за протестите против абротус кои што се случуваат во Брисел. Но, овој пост нема да го посветиме на кометирање или анализирање на ставовите на anti-choice движењата во Европа, туку на нажите медиуми.

Понекогаш, ситуацијата со медиумите е толку банална и процирна. Два медиуми „Сител“ и „МТВ“ ја објавија веста, но тоа и не е ништо чудно, медиумите објавиваат вести за еден ист настан. Но она што е чудно самата содржина на веста. Не треба да се прави некоја посебна анлиза за да сфатите нешто, веста дословно е иста.

Веста пренесена од Сител

 

Веста пренесена од МТВ 

 

 

Како што можете да видите и од линковите, а и од скриншотот од нивните сајтови последната реченица за сотојбите во Македонија е сосема иста.

Тука се наметнуваат две прашања:

  • Дали вестите во Македонија се фабрикуваат од некој/некоја институција/органзиација?
  • Дали се пробува да се воведе реториката и терминологијата на „неродени бебиња“ во прашањата поврзани со абортус во нашата држава?

 

На овие две прашања секако не би одговориле, се е така процирно и јасно…….

 

Цената на хуморот

Како што можете да видите и подоле во постов, ова е реакција на последното видео на Марјан Георгиевски.

Во последното видео “Метросесксуалци“, очигледно поимите му се измешале па место за метросексуалци, почна да дискутира за хомосексуалци. И секако неспорен е фактот дека секој може да зборува за што сака, да не речем да го каже своето мислење. Е сега тука има два спорни моменти, што се кажува и кој го кажува.

Првиот момент, што кажува…. Тука претпоставувам дека на многумина им стана јасно за што се работи (судејќи по бројот на dislike под видеото) дека на долго и широко се шират стереотпи за геј луѓето. Е сега тука нема да ги набројувам сите спомнати стереотипи, затоа што се разбира треба да направам транскрипт на целиот клип.

Вториот момент е кој тоа го кажува….. Неспорен е фактот дека многумина Марјан го нарекуваат интернет чудотото, затоа што за два дена од постирањето на било кое видео има стотици илјадници прегледи. Е сега тој број на прегледи секако го прави популарен. А популарноста секако би требало да носи некаква одговорност. Барем по логичниот след на настаните. Е кога збориме за одговорноста, би требало да се подзамисли дали по цена некого да засмее (иако е дискутабилно колку насмеал со овој клип), ќе навреди некој друг или ќе зацврсти некој стереотип за некоја група на луѓе (а стереотипите се невистини т.е. лаги).

Се разбира стенд ап комедијата треба да засмејува, но никако да навредува, без разлика за било кој/и се работи.

И сето ова се разбира не води кон создавање на едно толерантно општество. А претпоставувам дека дека тоа е цел барем на мнозинството од луѓето.

И се разбира коментарите пишете си ги под постов, па ќе дискутираме или пишете ми на твитер @daniol_

(Не)видливи жени- дискретни хероини

8-ми март, Меѓународниот ден на жената…….

Што прво ви паѓа на памет кога ќе се спомне 8-ми март? Секако првото нешто се црвените рози (или некое друго цвеќе што треба да се купи за мама, баба, дада), можеби собирање со колешките од работа или купување по некој парфем. Но, oва се разбира е далеку од вистинското значење на овој меѓународен ден.

Оваа година кај нас се случува нешто поинакво. Скопје ќе биде на светската мапа на иницијативата „Join me on the bridge” Кај нас, оваа иницијатива на неформална група има за цел да ја зголеми јавната свест за улогата и не/видливоста на жената во нашето општество. Прошетката на 8-ми започнува од 12 часот од Жена парк, а ќе заврши од другата страна на Камениот мост.

Исто така повеќе информации за настанот можете да прочитате и на настанот на фејсбук.

 

Додека пак во Киното Фросина по трети пат се организира вечери на женски права. Од 5-ти до 8-ми март секоја вечер има кино проекција на филмови поврзани со жените, нивните права и нивниот статус. Целата програма можете да ја погледнете на настанот на фејсбук.

Затоа ако сте решени овој 8-ми март да го поминете поинаку, има што да правите :)

Зашто национализам, етноцентризам?

Иако овој блог првенстевено е наменет за теми околу сексуалното и репродуктивно здравје и права, јас ќе го искористам за да напишам збор, два, по повод убиството на двајца млади во Гостивар и протестите таму… Не можев да останам на страна и само да читам коментари и гледам вести…

Јас сум млад и сум од Гостивар! И јас сум за протести! Така докажуваме дека не сме пасивна младина која е само нем наблудувач на се она што се случува во државата, која впрочем нели е вечна, но како што трганале работиве, не битно. Сакам да кажам, т.е. прашам какви протести?  Етнички поделени? За смена на министерката за внатрешни работи? За Голема Албанија?

Не толку одмамна беше убиството на Мартин Нешковски. МВР повторно создава конфузија кај народот и остава простор за сомнеж, а сето тоа стимулира нетрпение и омраза, особено кај  младите. Молам на страна да се остави политиката во вакви тажни моменти и да се сочувствува со семјствата за убиените! Сите знаеме како е да изгубиш некого….Ништо нема да ја врати прикзната назад, времето нема да се врати наназад, но она што може да го направиме е да бараме правда, да се бара одговорност!

Галје ми е дали Јанкуловска ќе си замине од фотељата! Подобро е да стане од неа и да да помогне максимално да се расветли случајот! Емоциите се јаки, а сите сме свесни како на Балканот е лесно да се потпали огнот! Зарем сега веќе починатите, се убиени само поради тоа што се Албанци? Во Гостивар, многу жално, убиството се искористи за да се протестира со извикување пароли за Голема Албанија…зашто, не разбирам? Зашто национализам, етноцентризам? Само докажуваме колку сме слаби всушност, ранливи и дозволуваме да не водат некои други, наместо сопствените идеали. Каде ги заборавиве вредностите? Јасно ни е на сите колку национализмот и политиката е длабоко вкоренета во ова какво, такво мулти-култи општество, но она што ми пречи е односот на младите! Конкретно за Гостивар, зошто се протестира за Голема Албанија? Да, сите на Балканов докажавме колку сме големи, затоа сме вакви, никакви! Братство и единство! Убаво звучи, нели? Барем мене ми звучи… Јас учев во тоа основоно. Сега не се вика така. Многу македонско беше името? Било титовско, па што, барем тоа име не беше ни македонско, ни албанско, ни турско, ни ромско, беше одединувачко.  Се додека не се научиме да се бориме едни за други, нема да не биде! Зошто не се обединиме за оние работи кои ни се заеднички! Зарем повеќе работи не делат, отколку што не обединуваат? А млади сме, колку може да сме различни , па толку да не се трпиме! Средношколците протестираа со пароли за Голема Албанија, а некои си се смешкаа во фотељите, има се помага на нивните болни умови. Зарем младите се уште ќе бидат нечии марионети, или ќе станеме активни граѓани некогаш! Тука не се трпиме, ама ако се сретнеме на запад, ништо не ни смета!

Сакам да потсетам на една случка, малку повеќе од заборавена. Намерно ја спомнувам сега, како пример за нешто што може да се искористи за обединување на младите во Гостивар.

Како мал бев многу потресен, моите не ми дозволуваа веќе да се приближувам околу  Железничката станица. 2 деца, Македонче и Албанче, беа прегазени од воз! Едното се заглавило во шините, а другото се обидувало да му помогне. Трагедија. Зошто оваа случка се заборави? Па, да, ова приказна не не двои, не се караме околку оваа! Зошто нема спомен обележје? Полесно е да се изгарди македоски и албански плоштад, секако!

Искрено се надевам на праведна завршница на овој немил настан! Секој обид за поврзување на овој настан со големи држави, етнички поделби е……..перверзија!

 

Работилници за форум театар

Сите заинтересирани млади луѓе кои имаат желба , талент и сметаат дека сакаат да станат дел од тимот на форум театар во Х.Е.Р.А, ги охрабруваме да се пријават на работилниците кои ќе бидат организирани во младинскиот центар “Сакам да знам”-Водно.

Форум театарот претставува театарска техника која овозможува одредени општествени прашања да бидат презентирани во јавност и овозможува публиката активно да учествува не само преку дискусија туку и да го сподели своето мислење земајќи некоја од улогите во претставата. По завршување на работилниците ќе се организираат четири настани и во различни градови низ Македонија кои ќе бидат оддржани од учесниците на оваа работилница.

Сите заинтересирани млади кои се од Скопје и имаат од 14 до 18 години  испратете контакт (име, прeзиме  телефон и e-mail) на brankica.tolevska@gmail.com. Вашите податоци испратете ги најдоцна до 22-ти јануари (недела).

Се гледаме набрзо;)

Сексуално преносливи инфекции

Сексуално преносливи инфекции

Овој оддел содржи кратки објаснувања за начините на пренос на вообичаените сексуално преносливи инфекции (СПИ), нивните симптоми и нивното лекување.

Сексуално преносливите инфекции можат да бидат предизвикани од бактерии, вируси или паразити.

Бактериските инфекции можат да се излечат со антибиотици; антивирусни лекови може да се употребат за третман на некои вирусни инфекции, додека извесни лосиони можат да ги очистат местата нападнати од паразити како што се шугата или срамните вошки.

Хламидија

Предизвикувач на ова заболување е бактеријата наречена Chlamydia trachomatis.

Начини на пренос и избегнување на инфекцијата

Бактеријата може да се пренесе при анален, орален и вагинален секс доколку не се употребува кондом, а може да се одрази на анусот, пенисот, грлото на матката, грлото и очите. Таа може да се пренесе и на бебе во текот на породувањето, и да резултира во инфекција на очите и градите. Погледнете го и делот за LGV (лимфогранулома венереум – инфекција предизвикана од специфични видови на бактеријата Chlamydia trachomatis) подолу.

Хламидијата може да се избегне со употреба на кондом при вагинален или анален секс, односно кондом или дентална фолија при орален секс, како и со тоа што нема да се користат заеднички сексуални играчки.

Симптоми

Симптомите на хламидија обично се појавуваат една до три недели по инфекцијата. Сепак, многу луѓе што имаат хламидија не се свесни за тоа. Се смета дека дури до 75% од жените и 50% од мажите со хламидија немаат симптоми.

Онаму каде што сепак ќе се јават симптоми, кај мажите тие обично се во вид на млечен исцедок од пенисот, особено наутро, како и чувство на печење при мочање. Можно е да отечат тестисите и да се јави силна болка во нив. Жените со хламидија може да забележат млечен исцедок од вагината и/или болка во долниот дел од абдоменот или грбот, или болка при сексуалниот однос. Може да се појави и вагинално крварење во текот на сексот и крварење помеѓу месечните циклуси, како и болка при мочање.

Доколку некој се инфицирал анално, може да се јави воспаленост околу анусот, како и исцедок.

Ако хламидијата не се лекува, кај жените може да доведе до карлично воспалително заболување, што може да предизвика ектопична (вонматочна) бременост и неплодност. Мажите исто така можат да станат стерилни, бидејќи хламидијата може да предизвика епидидимитис, односно воспаление на епидидимисот (цевчето што ги поврзува тестисите со семеноводот); во ретки случаи може да се прекине и дотокот на крв до тестисите. Мажите, а поретко и жените, може да го развијат Рајтеровиот синдром – реактивна состојба која доведува до артрит, уретрит и воспаление на очите.

Дијагноза

Хламидијата се дијагностицира со земање брис од пенисот, грлото на матката, аналниот предел или вагината. Земањето брис може да биде малку непријатно, но обично трае сосема кратко. Некои клиники ќе испитаат примерок од мочка со цел да откријат докази за инфекција со хламидија.

Тестовите што покажуваат присуство на хламидија можат да потраат и една седмица. Важно е да се остане во контакт со клиниката до излегувањето на резултатите, за да може да се пристапи кон лекување доколку се открие инфекција.

 

Лекување

Хламидијата се лекува со антибиотици. Обично тоа е седумдневен третман со доксициклин, или единечна доза на азитромицин. Важно е да се земат сите таблети со цел да се осигура целосно очистување на инфекцијата од телото. Исто така, важно е и вашиот партнер да прими терапија пред повторно да имате сексуален однос. По третманот со азитромицин, симптомите можат да потраат уште неколку дена, бидејќи на антибиотикот му треба време за да почне да делува.

Препорачливо е да се воздржите од сексуални односи (дури и со кондом) сè до завршувањето на периодот на лекување; ова е со цел да се спречи повторна инфекција со хламидија.

Генитални и анални брадавици

Гениталните и аналните брадавици се предизвикани од човечкиот папиломен вирус (HPV, англ. human papillomavirus). HPV е една од најчестите сексуално преносливи инфекции.

Начини на пренос и избегнување на инфекцијата

Вирусот може да се пренесе во текот на незаштитен анален, вагинален или орален секс, или едноставно преку близок физички контакт. Кондомите можат да го намалат ризикот од пренос, но тоа не е секогаш случај.

Симптоми

Гениталните брадавици изгледаат исто како и брадавиците што можат да се појават на други делови од телото – обично како мали испакнатини на кожата со малку рапава текстура. Некои луѓе што го добиваат брадавичниот вирус немаат видливи брадавици или не ги забележуваат. Брадавиците можат да се појават било каде во гениталниот предел.

Некои облици на HPV се поврзани со зголемен ризик од рак на грлото на матката или на анусот, а тој ризик може да биде уште поголем кај лицата со ХИВ.

Дијагноза

Гениталните брадавици се дијагностицираат со визуелно или рачно испитување на гениталниот и аналниот предел.

Скрининг на грлото на матката е постапка предвидена со цел да открие клеточни промени во грлото на матката што најавуваат рак (наречени дисплазии) – пред ракот да се развие. Ова испитување се нарекува и пап-тест. Тоа подразбира земање на мал примерок на клетки од грлото на матката. Кога овие клетки ќе се испитаат во лабораторија, можно е да се види дали во нив има било какви промени што упатуваат на ризик од развој на рак во иднина.

На ХИВ-позитивните жени им се препорачува да направат скрининг набргу по дијагностицирањето на ХИВ, потоа по шест месеци, а понатаму еднаш во годината. Доколку тоа не ви биде препорачано во овие периоди, треба самите да побарате од тимот за здравствена грижа да ви ги организира испитувањата. Немојте да чекате да бидете поканета за скрининг од вашиот матичен лекар или клиниката. Во случај доколку тие не се свесни за вашиот ХИВ-статус, ќе претпоставуваат дека ви е доволен стандардниот скрининг, кој се прави на секои три години.

Важноста на испитувањето на аналниот канал заради откривање на клетки што најавуваат рак сè уште се проучува. Можеби во иднина ќе наидете и на такви клиники за ХИВ коишто ќе нудат анално испитување како дел од рутинска пракса.

 

Лекување

Инфекцијата со вирусот на гениталните брадавици може да биде излекувана од вашиот сопствен одбранбен систем, иако за тоа може да биде потребно многу време. Постојат разни третмани за отстранување на видливи брадавици, вклучително и употреба на хемиски средства, замрзнување, ласерска операција или крема. Овие постапки можат да бидат малку непријатни.

Развиени се вакцини против оние видови на човечкиот папиломен вирус за кои се смета дека предизвикуваат рак на анусот или грлото на матката и генитални брадавици. Во моментов, вакцината против поттипот што предизвикува рак се обезбедува само за девојчиња во нивните рани тинејџерски години. Вакцината која штити од генитални брадавици е достапна само приватно.

Во тек се студии што треба да испитаат дали вакцините се безбедни и дали се од полза за луѓето со ХИВ. Во Велика Британија, на пример, некои приватни доктори ја обезбедуваат вакцината на лица со ХИВ, но таа е скапа и веројатно бесполезна доколку веќе го имате поттипот на HPV против којшто таа е наменета. Ако размислувате да платите за вакцина, разговарајте со вашиот лекар за ХИВ околу нејзините предности и слабости.

Гонореа

Гонореата е бактериска сексуално пренослива инфекција.

Начини на пренос и избегнување на инфекцијата

Гонореата може да се пренесе при анален, вагинален, орален, или сексуален однос „уста на анус“ (риминг). Таа може да се одрази на анусот, пенисот, грлото на матката и грлото.

Нелекуваната гонореа може да направи лицето што има ХИВ да биде поинфективно. Нејзиното присуство кај ХИВ-негативно лице исто така може да ја зголеми веројатноста тоа да се инфицира во случај да биде изложено на ХИВ.

Гонореата може да биде пренесена од мајка на дете во текот на породувањето (при вагинално породување), и може да предизвика инфекција на очите на бебето, со висок ризик од слепило доколку не се лекува. Покрај тоа, таа може да се рашири преку крвотокот и да предизвика сепса (силен воспалителен одговор на инфекција во телото), а евентуално и менингит.

Гонореата може да се избегне со користење кондом при вагинален или анален секс, кондом или дентална фолија при орален секс и со тоа што нема да се користат заеднички сексуални играчки.

Симптоми

Кај мажите, симптомите обично се состојат од жолтеникав исцедок од пенисот и печење при мочање. Исто така може да се јави болка во тестисите и нивно отекување.

Симптомите кај жените може да вклучат чувство на печење при мочање и безбоен или крвав исцедок од вагината. Доколку инфекцијата е ректална, и мажите и жените може да забележат слузест, или крвав, исцедок од анусот, болка во анусот или болка при анален секс. Гонореата во грлото обично нема симптоми.

Симптомите на гонореата обично се појавуваат помеѓу два и десет дена по инфекцијата, но може да бидат потребни и до три недели. Сепак, некои луѓе може да не ја забележат инфекцијата, бидејќи симптомите не мора секогаш да бидат присутни, или може да бидат многу благи.

Доколку не се лекува, гонореата може да предизвика посериозни здравствени проблеми, вклучително и карлични инфекции кај жените што може да предизвикаат болка, неплодност, ектопична (вонматочна) бременост, како и проблеми во тестисите и стеснување на уретрата (мочниот канал) кај мажите.

Нелекуваната гонореа може да се прошири во крвотокот и да доведе до треска, а исто така може да влијае и на зглобовите, предизвикувајќи артрит и потекување. Таа исто така може да предизвика и кожни проблеми и еден облик на менингит.

Дијагноза

Постојат неколку начини на тестирање за гонореа. Ако имате симптоми, веројатно ќе ви биде земен брис од врвот на пенисот, анусот, мочниот канал, грлото или грлото на матката. Земањето брис може да биде малку непријатно. Примерок од мочка може да се земе и да се испрати на анализа доколку немате симптоми. Кај лица со симптоми, обично е возможно самото испитување на брисот да покаже дали има присуство на гонореа во гениталниот предел, но гонореата во грлото може да се утврди единствено подоцна.

Сепак, без разлика на местото на инфекцијата, може да бидат потребни до седум дена за да се добијат конечни резултати. Затоа, важно е да ја контактирате вашата клиника за резултатите од тестот.

Лекување

Гонореата се лекува со антибиотици. Со оглед на тоа што таа може да биде отпорна на некои антибиотици, брисовите се праќаат во лабораторија за проверка на делотворноста на препишаниот антибиотик.

Од голема важност е да немате анален, орален или вагинален сексуален однос во текот на седум дена по лекувањето, бидејќи може да дојде до реинфекција со гонореа, или до тоа да му ја пренесете инфекцијата на вашиот партнер. Вашите неодамнешни сексуални партнери би требало да посетат клиника за сексуално здравје заради тестирање и евентуално лекување.

Хепатит А

Хепатит А е вирус што го напаѓа црниот дроб.

Начини на пренос и избегнување на инфекцијата

Вирусот на хепатит А се пренесува при контакт со инфициран фецес (измет), обично преку загадена храна, како на пример, морски плодови.

Тој може да се пренесе и по секуален пат, особено при орално-анален контакт (риминг). Во повеќе градови во Велика Британија, на пример, забележани се епидемии на хепатит А меѓу геј-мажи. Откако еднаш сте прележале хепатит А, не можете повторно да се заразите, но кај некои лица сепак се забележува враќање на болеста.

Добрата лична хигиена може да го спречи преносот на хепатит А – миење на рацете по одење во тоалет и пред подготовување храна, како и пред јадење.

Вакцинирање

За разлика од повеќето инфекции обработувани во овој оддел, за хепатит А постои вакцина и таа е препорачлива за секое лице што живее со ХИВ, освен доколку постои веќе стекнат природен имунитет. Вакцинацијата се состои од две инјекции, кои се даваат на растојание од шест месеци, и таа обезбедува имунитет во текот на околу десет години. Овие вакцинации кај нас се достапни во центрите за јавно здравје, но претходно треба да се направат анализи за да се провери дали организмот веќе има создадено антитела за овој вирус.

Симптоми

Хепатит А може да предизвика краткорочно благо заболување, а симптомите можат да вклучат пожолтување на кожата и очите (жолтица), нагласен замор, загуба на телесна тежина, повраќање, дијареа (пролив), темна мочка и бледа столица. Симптомите можат да се влошат доколку се пие алкохол, чај или кафе и се јаде масна храна. Луѓето обично се опоравуваат за неколку недели.

Дијагноза

Анализа на крв може да покаже присутна или поранешна инфекција со вирусот на хепатит А. Клиниките за сексуално здравје не прават рутински проверки за хепатит А, но можно е да сте биле тестирани во вашата клиника за ХИВ.

Лекување

Лекувањето на хепатитот А се состои во одмор, пиење течности и избегнување на алкохол и рекреативни дроги. Во текот на опоравувањето од хепатит А важно е да не се прима парацетамол. Заболувањето може да трае подолго и да биде понагласено кај лица што живеат со ХИВ или со ослабнати одбранбени системи. Доколку добиете хепатит А, може да биде потребно извесно време да престанете со земање на лековите против ХИВ. Тоа е од причина што црниот дроб, кој го врши најголемиот дел од разложувањето на лековите во телото, кога е воспален тоа не може да го прави најдобро, што може да доведе до влошување на евентуални несакани дејства од вашите лекови.

За повеќе информации, видете ја брошурата ХИВ и хепатит во оваа информативна едиција (изданието од 2006 година е достапно и на македонски).

Хепатит Б

Хепатит Б е вид на вирусен хепатит, кој предизвикува воспаление на црниот дроб.

Начини на пренос и избегнување на инфекцијата

Вирусот на хепатит Б се пренесува преку контакт со крв, сперма, плунка или вагинална течност на инфицирано лице. Може лесно да се пренесе при незаштитен сексуален однос, како и од мајка на дете во текот на породувањето. Овој вирус е многупати поинфективен отколку ХИВ.

Хепатитот Б може да се избегне со користење кондом во текот на вагинален или анален секс, како и употреба на кондом или дентална фолија при орален секс и со тоа што нема да се користат заеднички сексуални играчки.

Вакцинирање

На лицата со ХИВ им се препорачува да примат вакцина против хепатит Б, освен доколку имаат стекнато природен имунитет. Таа се состои од три инјекции што се примаат во текот на неколку месеци. Лицата со ХИВ може да го изгубат имунитетот на хепатит Б доколку нивниот имунитет ослабне, па затоа треба редовно да го проверуваат нивото на имунитетот. Вакцините против хепатит Б најчесто се достапни во центрите за јавно здравје.

Симптоми

Кога некој за прв пат се инфицира со хепатит Б, може да развие жолтица (пожолтување на очите и кожата), да го загуби апетитот, да почувствува болки во абдоменот, малаксаност, гадење, повраќање, болка во мускулите и зглобовите или треска. Овие симптоми можат да бидат мошне сериозни, а во ретки случаи и фатални. Сепак, повеќето луѓе не ни забележуваат симптоми.

Во почетната фаза на инфекцијата, повеќето луѓе ќе развијат заштитен имунитет и болеста ќе заврши како акутна инфекција. Сепак, кај околу 10% од возрасните, вирусот продолжува да се размножува во телото долго време по инфекцијата. Овие луѓе стануваат хронично инфицирани со хепатит Б, што значи дека тие ќе останат инфективни до крајот на животот, иако самите може да не чувствуваат симптоми. Некои носители на хроничен хепатит Б најпосле развиваат и хронично воспаление на црниот дроб, па оттаму се и под зголемен ризик од заболување на црниот дроб (цироза), како и рак на овој орган.

Кај ХИВ-позитивните лица што ќе се инфицираат со вирусот на хепатит Б постои поголема веројатност да останат хронично инфицирани со него отколку луѓето што немаат ХИВ.

Нивоата на вирус на хепатит Б во телесните течности на ХИВ-позитивните лица можат да бидат повисоки од оние кај ХИВ-негативните луѓе. Ова се случува од причина што нивните одбранбени системи не делуваат со истата ефикасност во уништувањето на вирусот на хепатит Б во телото. Оттука, ХИВ-позитивните носители на хепатит Б можат да бидат и поинфективни отколку ХИВ-негативните лица.

Дијагноза

Со анализа на крв може да се открие присуство на антитела за хепатит Б, што покажува дека сте биле изложени на вирусот и сте се излекувале од него. Доколку, пак, сте биле изложени, а не сте развиле заштитни антитела, тогаш во вашата крв ќе преостанат фрагменти од самиот вирус, наречени површински антиген на хепатит Б (HBsAg). Тоа значи дека сте хроничен носител и можете да инфицирате други луѓе. Една поддгрупа на носители исто така има и позитивен резултат за т.н. е-антиген, а тоа значи дека нивната инфекција со хепатит е високо инфективна за другите луѓе.

Лекување

Во текот на првичниот период на инфекцијата со хепатит Б, важно е да се обезбеди многу одморање, да се пијат обилни количества течности, и да се избегнуваат алкохолот и рекреативните дроги.

Доколку сте ХИВ-позитивен/-вна и имате хронична инфекција со хепатит Б, тогаш е неопходно да добиете медицинска грижа од лекар којшто е искусен во третирањето и на двата вируси – ХИВ и хепатит.

Во моментот се достапни неколку лекови за третман на хепатит Б. Некои лекови против ХИВ се исто така делотворни и против вирусот на хепатит Б.

Ако сте коинфицирани со хепатит Б, треба да разговарате со вашиот лекар за тоа како таквата ситуација може да се одрази на тераписките можности што ги имате во однос на ХИВ.

За повеќе информации, погледнете ја брошурата ХИВ и хепатит во оваа информативна едиција за пациенти (изданието од 2006 година е достапно и на македонски).

Хепатит Ц

Хепатит Ц е вид на вирусен хепатит, кој предизвикува воспаление на црниот дроб.

Начини на пренос и избегнување на инфекцијата

Вирусот на хепатит Ц обично се пренесува при контакт на крв со крв. Сепак, неодамна е забележан пораст во бројот на ХИВ-позитивни геј-мажи со позитивен резултат на тест за хепатит Ц, при што единствениот фактор на ризик бил незаштитен сексуален однос.

Други фактори што се чинат поврзани со сексуалниот пренос на хепатит Ц се групниот секс, инјектирање или шмркање дрога, анално администрирање на дрога и присуство на други сексуално преносливи инфекции кај било кој од партнерите – особено сифилис или LGV (лимфогранулома венереум).

Кога се употребуваат правилно, кондомите можат да го намалат ризикот од сексуален пренос на хепатит Ц. Доколку правите фистинг, носете ракавици од латекс и немојте да користите заедничко пакување на лубрикант. Не користете заеднички сексуални играчки. Ова може да го намали ризикот од пренос на хепатит Ц.

За хепатит Ц не постои вакцина. За разлика од хепатитите А и Б, тоа што еднаш сте се инфицирале со хепатит Ц не значи дека не можете повторно да го добиете – со овој вирус е можно да се реинфицирате.

 

Симптоми

Последиците од инфекцијата со хепатит Ц можат да бидат различни. Помалку од 5% од луѓето што го добиваат вирусот развиваат акутни симптоми на хепатит, како жолтица и гадење во времето на инфекцијата, а помал, но сепак значителен број луѓе може да не забележат никакви симптоми во ниту една фаза. За оние што сепак ќе развијат симптоми, тие обично вклучуваат пренагласен замор и депресија.

Дијагноза

Анализа на крвта за антитела на хепатит Ц може да покаже дали сте биле изложени на вирусот, но со оглед на тоа што овие тестови можат да дадат и лажно негативни резултати (особено во раните фази на инфекцијата), PCR-тестот (за мерење на вирусниот товар) може да се искористи за потврдување на инфекцијата.

Други испитувања на функцијата на црниот дроб може да бидат показател за тоа дали вирусот на хепатит Ц го оштетил вашиот црн дроб. За да го проверат тоа со сигурност, докторите обично ќе применат еден од два вида тестови. Првиот е биопсија на црниот дроб, при која се зема мал примерок на ткиво од овој орган заради испитување. Вториот, кој денес е достапен во многу центри, подразбира едноставна крвна анализа или посебен вид на снимање (FibroScan).

Кај лица со ХИВ, дијагнозата на хепатит Ц може да биде потешка, бидејќи инфекцијата може да не се покаже на тестовите за антитела.

Лекување

Како и кај хепатитот Б, лекувањето треба да се спроведе на клиника која има искуство во третирање на коинфекција со ХИВ и хепатит Ц.

Целта на лекувањето е да се ‘излекува’ хепатитот (т.е. вирусот на хепатит Ц да се исчисти од организмот), да се нормализираат црнодробните ензими (показател за функцијата на црниот дроб), да се смири воспалението на црниот дроб, да се спречи прогресија до цироза или рак на црниот дроб, и да се ограничи преносот на вирусот.

Лекувањето на хепатитот Ц не е доживотно и обично трае 24 до 48 недели. Постојат антивирусни лекови што се одобрени за третман на хепатит Ц. Британската асоцијација за ХИВ препорачува хепатитот Ц да се лекува со комбинација од лековите пегилиран интерферон и рибавирин.

Несаканите ефекти од терапијата можат да бидат мошне силни, макар што имаат тенденција да се намалат со текот на лекувањето, а вклучуваат високи температури, болки во зглобовите, опаѓање на косата, депресија и низок број на бели крвни клетки.

Треба да се истакне дека спермата од маж којшто е на терапија со рибавирин е онеспособена за зачнување, како и дека не смее да се дозволи рибавиринот да допре до неродено дете. Паровите што биле третирани со рибавирин треба да избегнуваат бременост (и незаштитен секс) барем шест месеци по завршувањето на лекувањето.

Терапијата за хепатит Ц не е секогаш успешна. Најдобри резултати се забележуваат кај луѓе што ја примаат набргу по инфицирањето со вирусот.

Доколку сте коинфицирани со вирусот на хепатит Ц, тогаш е особено препорачливо да започнете со терапија за ХИВ додека бројот на CD4-клетки ви е околу 350.

За повеќе информации, видете ја брошурата ХИВ и хепатит во оваа информативна едиција (достапна и на македонски).

Херпес

Херпесот е предизвикан од чест вирус познат како херпес симплекс (herpes simplex virus или HSV).

Една епизода на херпес е придружена со болни ранички или чирови што можат да се одразат на устата, гениталиите или анусот.

Штом еднаш сте се инфицирале, вирусот останува во нервните клетки доживотно. Можно е и да не знаете дека сте инфицирани со HSV. Најголем дел од времето вирусот е заспан и не предизвикува симптоми. Тој букнува од време на време, особено ако имате ослабнат имунитет. Дури и кај луѓе што немаат ХИВ, стресот, обичната настинка или изложување на јака ултра-виолетова светлина (на пример, за време на летен одмор) можат да предизвикаат епизода на активен херпес.

Постојат два главни типа на HSV, а обата можат да предизвикаат орална или генитална инфекција. HSV-1 обично предизвикува орален херпес или студени ранички – точки што штипат или болат на работ на усната, каде што започнува кожата на лицето. Понекогаш тие можат да се развијат и на ноздрите, на непцата или горниот дел на устата. Исто така, тој може да предизвика и генитална инфекција.

Болни генитални или анални чирови, понекогаш придружени со грозница, главоболка, болка во мускулите и малаксаност, може да бидат предизвикани како од HSV-1, така и од HSV-2. Херпесните лезии честопати почнуваат како вкочанетост, штипкање или чешање. Ова чувство упатува на тоа дека вирусот патува нагоре по некој нерв до кожата. Таму тој предизвикува мали ипупчувања кои многу бргу прераснуваат во мали воспалени и со течност исполнети пликови. Овие потоа пукаат и фаќаат коричка, а обично им е потребно една до две недели да заздрават кај луѓе чии одбранбени системи се во добра функција.

Начини на пренос и избегнување на инфекцијата

Вирусот може да се пренесе од лице на лице преку допир на херпесна раничка со слузокожа, на пример при бакнување, или анален, вагинален или орален секс.

За време на епизода на активен херпес треба да избегнувате сексуални контакти.

Херпесот исто така може да се пренесе и кога нема ранички. Вирусот може да е сè уште присутен и да се пренесе од самата кожа или, поверојатно, од слузокожата. Тоа е познато како ‘асимптоматско пренесување’. Таквиот начин на пренос е почест кај ХИВ-позитивните лица. Кондомите не заштитуваат секогаш од пренос на HSV, од едноставна причина што кондомот не ги покрива сите можни предели што ги напаѓа херпесот.

Појавата на генитален херпес го зголемува ризикот за пренос на ХИВ на друго лице (а за некој што нема ХИВ – ризикот да се инфицира).

Кај лицата со ХИВ, епизодите на херпес можат да бидат чести, силни и долготрајни. Понекогаш самите лезии можат да се инфицираат со други бактерии или габи. Покрај тоа што предизвикува големи орални и генитални лезии, херпесот понекогаш може да ги погоди и грлото и очите.

Дијагноза

HSV се дијагностицира со утврдување на вирусот во брис земен од лезија или со т.н. имунофлуоресцентен скрининг. Херпесот во хранопроводот или во дебелото црево може да се испита со употреба на фибро-оптички инструменти.

Лекување и превенција на повторувањето на епизодите

Херпесните инфекции се третираат со ацикловир (Zovirax). Други терапии за херпес вклучуваат валацикловир, познат под брендираниот назив Valtrex, и фамцикловир (Famvir).

Ацикловирот, кога се зема во облик на таблети (200 до 800 mg пет пати на ден во текот на 5 до 10 дена) може да ја намали јачината на епизодите на оралниот херпес и гениталните или анални лезии. Во потешки случаи тој може да биде даден и по интравенски пат. Ацикловирот има мошне малку несакани дејства.

Ацикловир може исто така да се зема на днвна основа за да се намали честотата и јачината на повторливи епизоди на херпес (400 mg два пати дневно).

Ацикловирот не може да го уништи HSV, па така епизодите можат да се повторат. Во аптеките може да се најде и ацикловир-крема за третирање на студени ранички; сепак, многу доктори ја ставаат под прашање нејзината ефикасност. Некои луѓе забележуваат дека солени бањи, мраз, лидокаин-гел (локален анестетик, кај нас познат и како долокаин), лекови против болка, и одмор, помагаат да се ублажат симптомите.

LGV

Лимфогранулома венереум (lymphogranuloma venereum, LGV) е вид на хламидија.

LGV порано била нарекувана ‘тропска инфекција’, бидејќи се јавувала главно во Африка, Азија, Јужна Америка и делови на Карибите. Со воведувањето на антибиотиците во 40-тите години на 20. век, LGV станала исклучително ретка во Европа. Сепак, избувнувања на LGV се забележани меѓу геј-мажи во Холандија, Франција, Германија, САД и Шведска.

Начини на пренос и избегнување на инфекцијата

Ширењето на LGV во Европа претежно ги вклучувало геј-мажите, од кои многумина биле и ХИВ-позитивни, а често имале и уште некоја сексуално пренослива инфекција како гонореа, сифилис, херпес, хепатит Б или Ц. Се смета дека таа е поврзана со определени видови сексуално однесување – оние кај кои постои поголема веројатност за оштетување на ткиво, како на пример фистингот.

Како и да е, LGV може да ги погоди и мажите и жените, без разлика на нивниот ХИВ-статус. Може да се одрази на пенисот, вагината и анусот, и да биде пренесена при анален, орален и вагинален секс.

Кондомите се мошне делотворни во спречувањето на сексуално преносливите инфекции, вклучително и хламидијата, од која LGV претставува еден вид.

Доколку правите фистинг, носете латексни ракавици и немојте да користите заеднички пакувања лубрикант со други лица. Тоа би требало да го намали ризикот од пренос на LGV и други СПИ.

 

Симптоми

LGV може да предизвика многу непријатни симптоми. Во едно неодамнешно ширење на оваа инфекција, најчестиот симптом бил болка и воспаление во анусот и ректумот (проктитис). Во некои случаи, ова било придружено со потечени жлезди во препоните, а често и со исцедок од слуз или крв од ректумот, како и промена во режимот на столицата.

Доколку не се лекува, LGV може да предизвика генерализирано потекување на лимфните жлезди и гениталиите, како и чирови. Таа исто така може да ги погоди и цревата.

Дијагноза

Ако одите на општа проверка на сексуалното здравје, ќе ви бидат направени испитувања за повеќе сексуално преносливи инфекции. Доколку ви биде откриена хламидија во ректумот, клиниката треба да го испрати примерокот на тест за да се провери дали се работи за LGV.

Ако се плашите дека можеби имате LGV, бездруго кажете им на лекарите или сестрите на клиниката каде што сте се обратиле.

Лекување

LGV може да се излекува со 21-дневен третман со оралниот антибиотик доксициклин. Овој антибиотик се користи за лекување и на други сексуално преносливи инфекции (како и некои други видови инфекции), но кај нив третманот трае пократко.

Во текот на лекувањето треба да избегнувате сексуална активност, а исто така треба да се упатат на лекување и сите скорешни сексуални партнери.

Неспецифичен уретритис (NSU)

Начин на пренос

Неспецифичниот уретритис (NSU) е воспаление на уретрата – каналот низ кој минува мочката (а кај мажите и семената течност). Ова воспаление може да биде предизвикано од сексуално пренослива инфекција, како што е хламидијата. Сепак, мошне ретко тоа може да има и друга причина, како на пример, триење во текот на сексуален однос или надразнување предизвикано од сапун.

Симптоми

Симптомите на НСУ обично се развиваат во текот на околу една недела по инфекцијата. Кога НСУ е предизвикан од некои надразнувачи, како сапун, симптомите можат да се појават речиси веднаш. Како и да е, многу луѓе со НСУ воопшто не покажуваат симптоми.

Кога симптомите се присутни, тие обично се состојат од болка или чувство на печење при мочање, почесто мочање и бел или матен исцедок што може да биде особено забележлив наутро.

Дијагноза

Кај мажите, НСУ се дијагностицира со земање брис од пенисот. Ова може за миг да биде непријатно. Во многу случаи ќе биде можно веднаш да се потврди дали се работи за НСУ, но може да потрае и една недела за тестовите да покажат дали има присуство на хламидија.

НСУ потешко се дијагностицира кај жени. Обично ќе бидат земени брисови од гениталиите (на пр. вулвата, вагината или грлото на матката) за да се види дали има присуство на СПИ.

Лекување

НСУ се лекува со антибиотици, и тоа обично 7-дневен третман со доксициклин или единечна доза на азитромицин. Важно е да се земат сите таблети за да се осигура уништувањето на инфекцијата од телото. Симптомите можат да потраат уште неколку дена по земањето на дозата азитромицин, бидејќи на антибиотикот му треба време за да делува.

Ќе бидете советувани да не практикувате секс (дури ни со кондом) сè до завршувањето на периодот на лекување. Сите партнери што сте ги имале, ако е возможно, би требало исто така да примат терапија, дури и ако немаат никакви симптоми.

Срамни вошки

Срамните вошки се мали паразити што наликуваат на ракови поради нивните клешти, со помош на кои се фаќаат за влакната. Иако тие се особено наклонети кон влакната во срамните предели (т.е. околу гениталиите и анусот), може да се најдат и во влакната во други делови од телото, особено во пазувите, па дури и во веѓите и трепките, иако тоа е невообичаено.

Начини на пренос

Срамните вошки обично можат да се пренесат и да се добијат во текот на сексуален однос, иако било кој облик на интимен телесен контакт може да биде доволен за нивното пренесување. Исто така, можат да се фатат и со употреба на заеднички крпи, постелнина или облека, но тоа се случува поретко.

Симптоми и дијагноза

Некои луѓе ја забележуваат инфекцијата во рок од неколку часа, но други може да не забележат дека имаат вошки и неколку недели. Вошките се многу ситни и може да биде тешко да се видат, но симптомите обично вклучуваат нагласено чешање во препоните, а некои луѓе ќе забележат и јајца цврсто закачени за влакната. На долната облека или постелнината може да се појават и мали дамки крв.

 

Лекување

Лосиони за уништување на вошките – како малатион (Derbac-M), или кај нас вообичаено достапниот шамон Бубил – може да се најдат во аптеките, и тоа без рецепт. Важно е строго да се следат упатствата, бидејќи неправилната употреба може да значи неуспех во исчистувањето на наездата, додека обилната употреба може да предизвика алергиска реакција. Лосионите не ги употребувајте веднаш по топла бања.

Кога ќе почнете со третманот, важно е да ја исперете сета облека, крпите и постелнината што сте ги користеле откако сте се инфицирале со вошките, и тоа со врела вода. Исто така, потребно е да обезбедите дека и вашиот партнер, или било кој друг со кого сте имале близок телесен контакт или сте делеле кревет, како и сите останати во домот, ќе добијат третман во исто време како и вие, со цел да се избегне повторна инфекција.

Шуга

Шугата е кожна инфекција предизвикана од паразит што се крие под кожата и предизвикува нагласено чешање, кое обично е најизразено ноќе.

Начини на пренос

Паразитот предизвикувач на шугата може лесно да се добие преку продолжен кожен контакт со лице што го носи, или, со користење на заеднички крпи или постелнина.

Симптоми

Самиот  паразит е невидлив за голо око, но неговото копање често остава траги во кожата. Тие обично можат да се видат на кожичката помеѓу прстите, задната страна на дланките, околу стомакот, зглобовите на дланката, лактите, пазувите, гениталиите, градите, задникот и стапалата.

Луѓето чии одбранбени системи не се во полна функција (а ХИВ е една можна причина за тоа) можат да развијат распространет осип со густи лушпи и интензивно чешање. Ова се нарекува краста или шуга.

Лекување

Истите лосиони што се користат за лекување на инфекцијата со срамни вошки се делотворни и против паразитот на шугата, иако може да биде неопходно лосионот да се остави да делува подолго (обично 24 часа). Тој треба да се нанесе на целото тело, освен лицето и главата, а на рацете треба да се нанесува повторно по секое миење.

По третманот, чешањето може привремено да се влоши. Во таков случај може да се нанесе хидрокортизон крема, и не треба да се чешаме.

Третманот за шуга не го употребувајте по топла бања.

Облеката, крпите и постелнината треба да се исперат со врела вода за да се избегне инфицирање на други лица или на самите себе.  Како и кај срамните вошки, важно е да се третира и секое друго лице што било во интимен контакт со вас, и тоа во исто време како и вие, со цел да се избегне повторна инфекција.

Ниту паразитот на шугата ниту срамните вошки не можат да го пренесат ХИВ на друго лице. Луѓето со подолготрајни инфекции со срамни вошки и шуга може општо земено да се чувствуваат лошо, а доколку не се лекува, шугата може да доведе до сериозна иритација на кожата.

Сифилис

Сифилис е бактериска инфекција. Бројот на случаи во Велика Британија и многу други земји е драматично зголемен во последните години. Болеста има две главни фази: рана и доцна инфекција. Во раната фаза инфекцијата е високо заразна.

Начини на пренос и избегнување на инфекцијата

Сифилисот може да се добие мошне лесно при незаштитен анален, орален или вагинален секс. Тој исто така може да се пренесе преку близок физички контакт. Најпосле, може да се пренесе и од мајка на бебе.

Ризикот од добивање на сифилис може да се намали со употреба на кондом при вагинален или анален секс, кондом или дентална фолија при орален секс, како и со тоа што нема да се користат заеднички сексуални играчки.

Нелекуваниот ран сифилис може да го направи лицето со ХИВ поинфективно. Од друга страна, ХИВ-негативно лице коешто има сифилис е под многу поголем ризик да се инфицира со ХИВ доколку биде изложено на вирусот.

Симптоми

Сифилисот може да предизвика редица симптоми, но и воопшто да нема симптоми. Во раната фаза од болеста, симптомите лесно може да не се забележат. Сифилисот може да напредува побрзо и посилно кај лица со ХИВ, а може да јави и нешто поразлични симптоми.

Набргу по инфицирањето со сифилис (примарен сифилис) на местото на инфекцијата може да се појави мала рана, точка или чир (наречен тврд шанкар) – обично на пенисот, во, или околу анусот, вагината или устата. Тој честопати не боли, брзо се залечува, а може да биде придружен со потечени жлезди.

Секундарниот сифилис може да предизвика осип на телото, дланките и табаните, отечени жлезди, грозница, болка во мускулите, главоболка, ѕвонење во ушите, и, во ретки случаи, менингит. Осипот и раните се високо инфективни. Секундарниот сифилис обично се развива во рок од шест месеци по изложувањето.

Кога овие симптоми ќе исчезнат, состојбата станува латентен сифилис. Иако латентен, тој сè уште може да биде пренесен во текот на првата година од оваа фаза, обично преку сексуален или близок физички контакт. Како и да е, по неколку години станува тешко инфекцијата да се пренесе на други лица, што не значи дека не сте инфицирани.

Доколку не се лекува, може да се развие терциерен сифилис, понекогаш и по повеќе години. Оваа фаза може да предизвика оштетување на срцето, мозокот, коските и кожата. Без лекување сифилисот може да доведе до смрт.

Дијагноза

Општ преглед на сексуалното здравје би требало да вклучи и крвен тест за сифилис, а доколку има ранички, од нив треба да се земе брис. Многу клиники за ХИВ денес прават тестови за сифилис како дел од рутинската здравствена грижа во врска со ХИВ. Може да бидат потребни и до три месеци за телото да развие показатели на инфекција со сифилис, па затоа тест направен набргу по изложувањето може и да не ја открие инфекцијата.

Постојат определени докази дека тестовите за сифилис не се толку веродостојни кај ХИВ-позитивните лица.

Доколку постои сомнеж дека е погоден и мозокот, може да се спроведе лумбална пункција за да се оцени степенот на болеста.

Лекување

Сифилисот обично се лекува со пеницилински инјекции. На лицата што се алергични на пеницилин им се даваат таблети доксициклин. За да се осигура целосно излекување на сифилисот, од клучна важност е да се примат сите препишани инјекции или да се земат сите таблети, како и да се направат дополнителни крвни тестови потоа. За да се избегне инфицирање на други лица со сифилис, или повторно инфицирање со бактеријата, важно е целосно да се избегнуваат сексуални односи сè додека не заврши лекувањето.

Сите скорешни сексуални партнери исто така треба да се тестираат и лекуваат.

Контролните крвни тестови ќе бидат извршени на интервали, за да се потврди со сигурност дека инфекцијата ја нема. Ова е особено важно кај лица со ХИВ, бидејќи кај нив постои поголема веројатност да се повтори инфекцијата со сифилис.

Трихомонас

Trichomonas vaginalis е честа сексуално пренослива инфекција предизвикана од ситен паразит.

Начини на пренос и избегнување на инфекцијата

Трихомонасот се пренесува при незаштитен секс. Инфекцијата можете да ја избегнете со употреба на кондом при вагинален или анален секс, употреба на кондом или дентална фолија при орален секс и со тоа што нема да користите заеднички сексуални играчки. Дентална фолија треба да користат и жени што имаат сексуални односи со други жени при триење на нивниот генитален предел (вулва) со вулвата на друга жена.

Симптоми

Кај жените симптомите можат да вклучат обилен вагинален исцедок, чешање, болка во долниот дел на грбот, болка при сексуален однос и честа потреба за мочање. Мажите честопати немаат симптоми, но кога тие се присутни, највообичаени се исцедок од пенисот, печење при мочање и зачестена потреба за мочање.

Дијагноза

Брисови земени од вагината или пенисот се испитуваат под микроскоп, а присуството на трихомонас честопати може да се потврди веднаш. Брисовите може и да се одгледуваат, при што резултатите би биле готови за една седмица.

Лекување

Трихомонасот се лекува со антибиотици. Важно е да се земат сите препишани таблети за да се постигне сигурност дека инфекцијата е исчистена од телото. Би требало да се вратите во лабораторијата или клиниката по една седмица за да ви биде направен уште еден тест како проверка дека сте излекувани. Сè додека не заврши периодот на лекување и додека и сите неодамнешни партнери не примат терапија, не треба да имате сексуални односи (дури ни со кондом). Ова е со цел да се спречи повторна инфекција.

Други инфекции

Во текот на сексуалниот однос можат да се пренесат и други инфекции. Секој однос што вклучува контакт со фецес (измет), дури и во микроскопски количини, како што е римингот, аналниот секс или фистингот, може да доведе до цревни инфекции како џардијаза и криптоспоридиоза. Овие можат да предизвикаат тешка дијареа и повраќање и мора да се лекуваат со антибиотици.

Текстот е преземен од брошурата „ХИВ и сексуални односи

Follow

Get every new post delivered to your Inbox.