Приказната за една кампања

DSC_0025И еве ме девојка во 21 век… Секој ден од сите страни слушам дека светот оди напред, научниците успеале да откријат ваква и ваква работа, владите и државите имплементирале ова и ова, почнале да се користат нови модели, се воведуваат најразлични иновации во најразлични области… А, ние?

Ние во последниве години како да тапкаме во место. Можеби и не тапкаме, можеби  дури и се враќаме неколку чекори наназад…

Во нашава мала државичка дури и во 21 век, во модерното време се користат апсолутно исти техники како во одредени држави во средината на 20ти век… Пропагандата на Гебелс,  постулатите на Бернеј… активно се вклучени во нашиот општествен живот.

Е да, Гебелс користел радио,  а сега се користи телевизија… Нашиот просечен човек и нема некој голем избор на канали, односно има… но, на сите се врти истата содржина.  Внимателно избрано времето (околу спортски случувања,  празници) на емитување, внимателно избрано времето на повторување, внимателно избрани слогани…  Менување на свеста… Силување на интелектот на нашиот граѓанин.

И ќе се прашаме каде е тука насилството?  Насилството е составен дел на оние манипулативни пораки… Оние пораки кои навидум изгледаат безопасни… Пораки кои не повредуваат никого… Пораки кои на прв поглед  изгледаат вообичаено,а во суштина се исполнети со насилни содржини, скриени значења…  И тие пораки се оние пораки кои на најбрутален можен начин ја силуваат свеста на гледачите и најефективно ги менуваат нивните ставови.

Кај нас, се започна пред некои 6 години… Тогаш патувајќи накај факултет ги забележав постерите кои го преплавија нашево Скопје… Страшни слики, проследени со пораки дека абортусот е убиство… Директно посочување кон жената што направила абортус дека е убиец. Стигматизација и нетолерантност. Нарачател: непознат.

2009 година- покрај најавите за промена на законот абортус почнува да се спроведува кампањата за штетните последици од истиот.  Нарачател: Влада на РМ Премиерот во тоа време изјавува дека никој нема намера да го забрани абортусот туку да ги покаже ризиците од неговото изведување. Повторно манипулирање со обичниот граѓанин, кој сакал-нејќел беше изложен на овие рекламни спотови…

Многу скоро во нашиот медиумски простор почнува да се врти кампањата: „Имаш право на избор. Избери живот.“  Цел- менување на свеста на луѓето. Нарачател: Влада на РМ Слоганот насилен и насочувачки. Доколку некој, не навлегувајќи во суштината на истиот, го прочита овој слоган во очи ќе му падне зборот избор- што недвосмислено насочува кон можноста девојките/жените да направат избор во животот каков што тие сакаат и да си ги остварат правата, без притоа никој да им се меша во истото . Тоа е така, но само навидум… Вториот дел од самата порака јасно укажува на тоа каков треба да биде изборот на секоја жена/девојка.  Стигматизација и нетолерантност кон девојките/жените кои сакаат да направат (или веќе направиле) абортус.

Но тоа не е се…Овој циклус продолжи со менување на законот за абортус. Законот заради спорните одредби (чекање од 3 дена, советување за придобивките од бременоста и сл.) стана порестриктивен.  Стигматизација и нетолерантност кон изборот на девојките/ жените, и женските права, дискриминација на девојките/ жените  кои не се економски моќни, кои немаат непречен пристап до здравствени услуги…

И повторно нов циклус на реклами кои посочуваат на предностите од бременоста, ризиците од абортусот и врвот на врвовите- реченицата на последната рекламна порака- „ Ви честитам, убивте здраво дете.“  Рекламата беше повлечена, но целта постигната- свеста на граѓаните почна да се менува… на полошо. Дискриминација на жената и нејзините права.

Сменета свест и потрошено мало богатство (проценките се дека од 2009 година наваму, се трошат по 36 милиони денари на годишно ниво за оваа кампања).Со тие пари, на годишно ниво во Македонија може да се обезбеди бесплатна контрацепција за околу 6000 жени и да се спроведе едукација на жените за користењето на контрацепцијата, а со тоа да се намали стапката на абортус.

Факт- Вака (на досегашниот начин- кампањи, менување на закон) не се намалува бројот на абортуси. Новиот закон за абортус ќе го отежни слободниот пристап до абортус. Така барем велат  71% од гинеколозите во Македонија.

Факт-45% од младите во Македонија ги осудуваат жените кои направиле абортус.

Факт- Медиумските кампањи ја менуваат свеста!!! Абортусот може да се случи секому.  Да не паѓаме на површни кампањи ! Да ги почитуваме женските права!

Да не дозволиме да ни влијаат манипулативни пораки!!!

Да не дозволиме да ни ги избришат цивилизациските вредности и придобивки.

Промената почнува со мене!

Македонија има љубов за сите!

Advertisements

Сексуалното образование не се однесува само на сексот

Се викам Велимир. Имам 24 години. Наредниот 31-ви Јануари ќе наполнам 25. Проблемот е што нема да бидам млад веќе. Барем според дефиницијата на Обединетите Нации, каде што млад човек е дефиниран секој кој има помеѓу 14-25 години. Од 7 милијарди луѓе, 1,8 милијарди се на возраст меѓу 10 и 24 години, а 90% живеат во земјите во развој. Значи живеат и во Македонија. Како живеат?

Повеќе од јасно е дека за државата, младите не се на агендата и се надвор од процесот на донесување на одлуки. Генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки-мун, на меѓународниот ден на младите, претходната година на 12-ти Август ја истакна неопходноста од градење на партнерство со младите и истакна дека, за да се ослободи силата на младите мора да бидеме партнери со нив. Колку добар партнер е Македонија?
Неговата Екселенција ги повика сите, владите, цивилниот, приватниот и академскиот сектор да изградат и да ги зголемат можностите за успех на младите. Е тука Македонија е изгубена. Инаку го пратиме светскиот тренд на креирање на изгубена генерација, т.е генерации. Но, ние барем знаеме да наброиме неколку политирачи и ликови од турски серии. Е тоа младите во странство не го можат. Еден нула за нас.

Меѓународната федерација за планирано родителство, во својата визија 2020 ја истакнува важноста на младите и потребата на соработка со нив како генератор на позитивни промени. МФПР смета дека е неопходно да се направи се за да се слушне гласот на младите во општеството, како и да бидат сослушани од страна на политичарите и донесувачите на одлуки. Исто така да се промовираат законите, политиките и програмите за заштита на правата на младите. Да станат дел во обликувањето на иднината во својата заедница, преку инвестирање во образованието, здравјето и благосостојбата, како и засилување на борбата против сиромаштијата и нееднаквоста.

Како долгогодишен волонтер и активист во областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права, сметам дека еден од начините за унапредување на секојдневен живот на младите е воведување на сеопфатно сексуално образование како редовен предмет во училиштата. Сексуалното образование не се однесува само на сексот. Факт. Сеопфатното сексуално образование вклучува и сексуалност, пол, сексуално и репродуктивно здравје и права и сексуалното однесување. И она што е многу важно, младите луѓе се стекнуваат со животни вештини и како да се донесат автономни, информирани одлуки.

 

Зошто сеопфатно сексуално образование?
Бидејќи училиштето е вистинското место каде децата и младите треба да се научат како да се грижат за своето здравје. Бидејќи младите имааат погрешни информаации и се неинформирани. Бидејќи младите имаат право на образование. Бидејќи родителите и наставниците ќе бидат вклучени. Бидејќи е вистинската инвестција во младите. Не треба Субрата Рој за тоа.

И за крај:
• инвестиции во изградба на тениски терени и спортски сали не е инвестирање во младите.
• потребно е да се воспостави чадор организација кога ќе ги преставува интересите на младите луѓе.
• воведување на сеопфатно сексуално образование како редовен предмет во училиштата.

 

Ако знаењето е сила знаењето е моќ, нели.

И секако дискусијата може да ја продолжиме на твитер @Velimir_Saveski

 

Молк

Сцена добро позната на сите нас. Родителите заедно со своите деца, раскомотени на троседот во дневната гледаат филм. И доаѓа моментот кога има еротска сцена. И сите знаеме што точно ќе се случи. Еден од родителите го зема дале- чинскиот управувач и го менува каналот. МОЛК. Се разбира никој ништо не кажува, никој ништо не прашува. Ова е секако е поедноставната опција, да премолчиме наместо да се потрудиме да ги објасниме они работи кои што треба да бидат кажани, а кои што секој млад човек сака да ги знае. Ова не е сцена што се случува само по дома, туку ова се случува насекаде. Насекаде кај нас најчесто „се менувам каналот“ со децата и со младите, секогаш кога станува збор за сексуалноста, за репродукцијата, за здравјето, за доволството, за љубовта, за врските, за пубертетот, за првата менструација и за ерекција.

И секој за себе има добар изговор, или децата се многу мали, или ни е непријатно да збориме за сексот или пак немаме доволни информации и не знаеме како да го почнеме разговорот.

Приказната започнува дома, а продолжува на училиште, во институциите,во општеството. Сите мислат дека оној другиот треба да го преземе првиот чекор. И додека сите чекаат на оној другиот, децата и младите се најпрвин збунети, не ретко уплашени, а потоа наоѓаат свој начин како да дојдат до информацијата која им е потребна. А денес најчесто тоа се интернет форумите или пак своите врсници, а се разбира информациите до кои што доаѓаат се недоволни или пак погрешни. И во ситуациите кога ќе се појави некој клип од мобилен објавен на интернет сите сме нешто забезекнати.

И што сме направиле додека молчиме? Што е резултатот од незборувањето околу сексуалноста, одбивањето да воведеме сеопфатно сексуално образование? Одговорот оставам да го дадете сами. Никогаш не е прерано да се зборува со децата и младите за сексуалноста, но верувајте некогаш може да биде прекасно.

 

 

Даниел Калајџиески

координатор на програмата за млади

 

 

Пет факти:
1. Во Република Македонија не постои систем преку кој што младите луѓе ќе бидат вклучени во сите фази на донесувањето на одлуки
2. Секоја девојка над 12 години има право да избере свој матичен гинеколог
3. За 89,6% од населението во Македонија хомосексуалноста е неприфатлива
4. Над 90% од младите во Македонија сметаат дека треба да семвоведе сеопфатно сексуално об- разование
5. Безбедниот секс во Македонија е релативно скап. Ако еден пар користи двојна заштита (кон- дом и орална хормонска кон- трацепција) во просек треба да издвојат 1000 денари месечно од својот џепарлак.

Овој текст е дел од публикацијата по повод шеесет години од формирањето на Меѓународната федерација за планирано родителство.

Обединувачката нишка на концептот сексуално и репродуктивно здравје

Секој ќе рече дека здравјето и достоинството на луѓето не познава компромиси. Но кога зборуваме за сексуалното и репродуктивното здравје нештата стануваат поинакви, тие кои се најгласни со овој став, најчесто, бараат компромиси. Ако споменеме абортус, контрацепција, ХИВ/СИДА, жени, адолесценти, ЛГБТ лица, се потсетуваме на децениската битка против социјалната, политичката и културолошката неправда којашто стои на патот на придобивките од здравјето, сексуалноста и различноста на луѓето. Секојдневни се предизвиците против табуата, предрасудите, стигматизацијата и дискриминицијата насочени кон луѓе кои единтвено сакаат да ги уживаат своите права на здрави сексуални битија.
Концептот на сексуално и репродуктивно здравје не познава само физичко здравје, односно отсуство на болести туку и ментална и социјал на благосостојба, при што луѓето се ослободени од осуда и насилство и можат слободно да ја живеат и слават својата сексуалност.
Човековите права и сексуалното и репродуктивното здравје се взаемно поврзани. Во услови во кои правото за абортус е скратено, една жена која сака да ја прекине бременоста не може да очекува дека нејзиното здравје ќе остане сочувано. Геј маж нема да биде слободен да го живее својот родов идентитет во целост за да не ја изгуби својата работа, доколку правото за сексуал- на ориентација не му е заштитено. Младите нема да знаат како да го заштитат своето здравје од сексуално преносливи инфекции и неса кана бременост ако во училиштата не се предавасексуално образование и им се ограничува правото до информации. Паровите, во кои ед ниот од партнерите или двајцата се со ХИВ, нема да можат да остварат свое потомство ако лекарите не знаат или го негираат правото за планирање на родителството. Жените нема да бидат рамноправни со мажите ако се ограничи пристапот до контрацепција, други лекови и воопшто, им се ограничува правото до здравствените услуги.

Сексуалното и репродуктивно здравје е јавноздравствена придобивка, а почитувањето и признавањето на индивидуалните слободи и права нејзин основен темел. Ние во ХЕРА од тука почнавме и во тој правец продолжуваме.

Бојан Јовановски – Извршен директор на Х.Е.Р.А.

 

 

 

 

 

Пет факти

 

1. Во 1994 година на Меѓународната Конференција за Популација и Развој, е донесена „Програма за акција“, што е прв меѓунаро ден политички документ којшто го дефинира репродуктивното здравје и права како и обврските на владите за сексуалното и репродуктивното здравје

2. Во 2001 година Владите од земјите членки на Обединетите нации ја донесуваат Политичката Декларација за ХИВ/СИДА кој поставува низа на национални цели и глобални акции во борба против епидемијата

3. Во 2002 година, за време на меѓународен консултативен состанок за сексуално здравје организиран од страна на Светската Здравствена Организација, е направена техничка дефиниција за сексуалните права, во која се дефинира и правото на избор на партнерот

4. Во 2006 година „Универзални от пристап до репродуктивно здравје“ станува дел од 8-те „Милениумски развојни цели “ донесени од страна на Обединетите Нации во 2000 година

5. Владата на Македонија во 2001 ја усвојува првата национална стратегија за ХИВ/СИДА, а 10 години подоцна и Националната Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје (2011).

Овој текст е дел од публикацијата по повод шеесет години од формирањето на Меѓународната федерација за планирано родителство.

Меѓународен ден на девојчињата

Денес е Меѓународниот ден на девојчињата. Денес младинската мрежа YSAFE го претставија својот нов краток филм.

Идејата за овој краток филм е базирана на секојдневното искуство на милиони девојчиња ширум светот, но истовремено овој филм зборува за автономијата, изборот, она што навистински девојчињата ги прави среќни.

Уживајте во филмот, а за сето останато можете да го посетите и блогот.

„Мој избор, моја одлука„

Х.Е.Р.А. ќе ја започне кампањата „Мој избор, моја одлука“. Оваа кампања има за цел да ја зголеми информираноста и свесноста помеѓу младите луѓе во врска со користењето на оралната хормонска контрацепција. Во Република Македонија само 5,6% од студентите користат контрацепција, а за 25% од нив прекинувањето на сексуалниот однос е главен начин на заштита од несакана бременост. Малиот процент на користење на орална контрацепција помеѓу младите е резултат на немањето на пристап до целосни и релевантни информации за орална хормонска контрацепција, односно непостоењето на сеопфатно сексуално образование во нашите училишта. Исто така и оние информации кои се достапни во учебниците се неточни или непотполни, на пример во нив прекинувањето на сексуалниот однос се промовира како метод на контрацепција. Спротивно на Светската здравствена организација во учебниците стои дека оралната контрацецпија „не се препорачува затоа што може да предизвика несакани и трајни последици“. Дополнителна бариера за младите преставува и високата цената на контрацепцијата, односно таа се уште не е покриена од страна на Фондот за здравствено осигурување (не е на позитивна листа).

Поради тоа, во Македонија стапката на тинејџерска бременост е неколкупати поголема од земјите во Европа.

Оваа кампања ќе се спроведува во четири града во Македонија, Битола, Штип, Тетово и Скопје. Преку различни форми на неформално учење, форум театар, проекција на филм, дискусии и трибини со гинеколози, за време на отворените еднодневни младински настани, ќе се пренесуваат најважните информации поврзани со оралната хормонска контрацепција.

Првиот настан, со кој што ќе започне оваа кампања ќе се одржи во Битола на 6-ти мај (недела) во Младинскиот културен центар, со почеток во 14 часот.

За организирањето на настаните во другите градови дополнително ќе ве информираме.

Оваа кампања е поддржана од Европското здружение за контрацепција и репродуктивно здравје.  

Министерот наспроти националната стратегија и препораките на ЦЕДАВ

Во „ Националната стратегија за сексуалното и репродуктивното здравје во Република Македонија (2010-2020)“ е планирана интервенција „вклучување на контрацептивните средства на позитивната листа на лекови“ со цел „да се зголеми пристапот до квалитетни услуги за планирањето на семејството и за изборот на современи контрацептивни методи за сите оние што сакаат да гикористат“. Иако еден од индикаторите во стратегијата е „позитивната листа на лекови е проширена со најмалку 3 различни типови на контрацептивни средства“, министерот за здравство јавно изјавува дека нема да има орални контрацептиви на позитивната листа.

Коалицијата предупредува дека изјавите на министерот се косат, не само со обврските преземени со стратегијата, туку и со препораката на Комитетот на ЦЕДАВ, за програми и политики што ќе им овозможат на жените ефективен пристап до средства и до услуги за контрацепција. Имајќи предвид дека стапката на тинејџерска бременост во Македонија е
неколку пати поголема од онаа во земјите во Европа, Коалицијата се придружува на барањето на Х.Е.Р.А. што побргу да се имплементира „Националната стратегија за сексуалното и репродуктивното здравје во Република Македонија (2010-2020)“, со којашто е предвидено обезбедување на достапна модерна контрацепција и воведување на сексуално образование што ќе вклучува наставни содржини за модерните средства за контрацепциј.

За прашањето на контрацепцијата, но и за многу други, неотварање на центри за зависнотс, хомофобични учебници, владината кампања за абортус и многу други може да прочитате во „Извештајот за сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници“  издаден од Коалиција “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.