Приказната за една кампања

DSC_0025И еве ме девојка во 21 век… Секој ден од сите страни слушам дека светот оди напред, научниците успеале да откријат ваква и ваква работа, владите и државите имплементирале ова и ова, почнале да се користат нови модели, се воведуваат најразлични иновации во најразлични области… А, ние?

Ние во последниве години како да тапкаме во место. Можеби и не тапкаме, можеби  дури и се враќаме неколку чекори наназад…

Во нашава мала државичка дури и во 21 век, во модерното време се користат апсолутно исти техники како во одредени држави во средината на 20ти век… Пропагандата на Гебелс,  постулатите на Бернеј… активно се вклучени во нашиот општествен живот.

Е да, Гебелс користел радио,  а сега се користи телевизија… Нашиот просечен човек и нема некој голем избор на канали, односно има… но, на сите се врти истата содржина.  Внимателно избрано времето (околу спортски случувања,  празници) на емитување, внимателно избрано времето на повторување, внимателно избрани слогани…  Менување на свеста… Силување на интелектот на нашиот граѓанин.

И ќе се прашаме каде е тука насилството?  Насилството е составен дел на оние манипулативни пораки… Оние пораки кои навидум изгледаат безопасни… Пораки кои не повредуваат никого… Пораки кои на прв поглед  изгледаат вообичаено,а во суштина се исполнети со насилни содржини, скриени значења…  И тие пораки се оние пораки кои на најбрутален можен начин ја силуваат свеста на гледачите и најефективно ги менуваат нивните ставови.

Кај нас, се започна пред некои 6 години… Тогаш патувајќи накај факултет ги забележав постерите кои го преплавија нашево Скопје… Страшни слики, проследени со пораки дека абортусот е убиство… Директно посочување кон жената што направила абортус дека е убиец. Стигматизација и нетолерантност. Нарачател: непознат.

2009 година- покрај најавите за промена на законот абортус почнува да се спроведува кампањата за штетните последици од истиот.  Нарачател: Влада на РМ Премиерот во тоа време изјавува дека никој нема намера да го забрани абортусот туку да ги покаже ризиците од неговото изведување. Повторно манипулирање со обичниот граѓанин, кој сакал-нејќел беше изложен на овие рекламни спотови…

Многу скоро во нашиот медиумски простор почнува да се врти кампањата: „Имаш право на избор. Избери живот.“  Цел- менување на свеста на луѓето. Нарачател: Влада на РМ Слоганот насилен и насочувачки. Доколку некој, не навлегувајќи во суштината на истиот, го прочита овој слоган во очи ќе му падне зборот избор- што недвосмислено насочува кон можноста девојките/жените да направат избор во животот каков што тие сакаат и да си ги остварат правата, без притоа никој да им се меша во истото . Тоа е така, но само навидум… Вториот дел од самата порака јасно укажува на тоа каков треба да биде изборот на секоја жена/девојка.  Стигматизација и нетолерантност кон девојките/жените кои сакаат да направат (или веќе направиле) абортус.

Но тоа не е се…Овој циклус продолжи со менување на законот за абортус. Законот заради спорните одредби (чекање од 3 дена, советување за придобивките од бременоста и сл.) стана порестриктивен.  Стигматизација и нетолерантност кон изборот на девојките/ жените, и женските права, дискриминација на девојките/ жените  кои не се економски моќни, кои немаат непречен пристап до здравствени услуги…

И повторно нов циклус на реклами кои посочуваат на предностите од бременоста, ризиците од абортусот и врвот на врвовите- реченицата на последната рекламна порака- „ Ви честитам, убивте здраво дете.“  Рекламата беше повлечена, но целта постигната- свеста на граѓаните почна да се менува… на полошо. Дискриминација на жената и нејзините права.

Сменета свест и потрошено мало богатство (проценките се дека од 2009 година наваму, се трошат по 36 милиони денари на годишно ниво за оваа кампања).Со тие пари, на годишно ниво во Македонија може да се обезбеди бесплатна контрацепција за околу 6000 жени и да се спроведе едукација на жените за користењето на контрацепцијата, а со тоа да се намали стапката на абортус.

Факт- Вака (на досегашниот начин- кампањи, менување на закон) не се намалува бројот на абортуси. Новиот закон за абортус ќе го отежни слободниот пристап до абортус. Така барем велат  71% од гинеколозите во Македонија.

Факт-45% од младите во Македонија ги осудуваат жените кои направиле абортус.

Факт- Медиумските кампањи ја менуваат свеста!!! Абортусот може да се случи секому.  Да не паѓаме на површни кампањи ! Да ги почитуваме женските права!

Да не дозволиме да ни влијаат манипулативни пораки!!!

Да не дозволиме да ни ги избришат цивилизациските вредности и придобивки.

Промената почнува со мене!

Македонија има љубов за сите!

Advertisements

[Твитатон] Не паѓај на површни кампањи!

Кампањата против абортусот, или како што другите милуваат да ни кажат, кампањата за запознавање на јавноста со негативните последици од абортус, започнаа пред 4 години.

Се разбира кампањите не беа цел сами за себе. После неколку години од неборени минути на владини кампањи и потрошени милиони денари на буџетски пари, ова лето се случи промената на законот за абортус.

Овој закон не беше во прилог на жените во нашата земја. Овој закон само го отежнува пристапот до абортусот. Најверојатно веќе знаеете за задолжителните три дена чекање и задолжителното советување, пропратено со целата друга медицинска и адмистративна документација.

 

istrazuvanje

Откако, законот беше донесен, ние решивме да направиме истражување и да видиме кој се ставовите на општата јавност, но и гинеколозите околу прашањата, како и ефектите врзани со кампањите и новиот закон.

Истражувањето покажа, вложените пари го дадоа својот ефект.

Но, сите заедно треба да се спротиставиме на овие манипулативни кампањи.

Во среда од 12 до 16 часот, бидете на твитер, користете хаштаг #абортус и споделете го вашиот став со другите за оваа кампања, но и за сите други „добри“ работи што ни се случуваат.

За последен први септември без сеопфатно сексуално образование

Потпишете ја он-лајн петицијата тука

Со сеопфатното сексуално образование во Македонија може да се започне од учебната 2014/15 година ако Министерството за образование и наука ги преземе следниве чекори:

На краткорочен план:

– да направи дополнителна обука и им обезбеди прирачни материјали на одделенските наставници одговорни за предметот „ Образование за животни вештини“, односно да го усвои веќе подготвениот прирачник од ХЕРА и стручни лица.

– да осигури дека предметот „ Образование за животни вештини“ се предава во основните и во средните училишта според предвидените планови

На долгорочен план:

– да формира работна група чија задача ќе биде да осмисли и спроведе план за системско воведување на посебен предмет за сеопфатно сексуално образование од 2016/17 година

Повеќе информации за сеопфатно сексуално образование на следниов линк.

Не ја дискриминирај љубовта

 

ХЕРА – младинска група
„Не ја дискриминирај љубовта“

Меѓународен ден за борба против хомофобија и трансфобија

Волонтерите во ХЕРА постојано работат со млади од целата земја при спроведување на неформално сексуално образование. Често пати кога се работи и се дискутира за прашањата поврзани со различните сексуални ориентации од страна на младите се поттикнуваат хомофобични изјави и ставови, а тие неретко се насочени кон некој од нивните соученици/чки или врсници. Ваквите ситуации за некои млади луѓе преставуваат секојдневие и тие се изложени на вознемирување од страна на своите врсници. Ова пак ги прави младите луѓе ранливи. Наместо да созреваат и растат во средина која ќе ги подржува во остварување на себеси, тие се борат со стигмата, отфрлањето, прекорите, притисоците, вознемирувањето од средината, семејството, врсниците, училиштата – тие се трошат во срамот и скривањето.
Игнорирањето на хомофобијата, не придонесува за менување на состојбите, туку напротив тоа влијае на нивното влошување. Нереагирањето на хомофобичните изјави, на кои понекогаш се гледа само со потсмев, остава простор таквите вознемирувачки изјави и акции да продолжат, но и да се влошат. Нереагирањето и несправувањето со хомофобијата директно влијае на младите луѓе кои се ЛГБТИК, тие не можат да ги остварат своите права на слободно изразување и слободно живеење или пак да добијат соодветна здравствена услуга. Едноставно младите ЛГБТИК луѓе се спречени да ги остваруваат своите основни човекови слободи и права.
Токму поради тоа младите волонтери од ХЕРА го продуцираат филмот “Не ја дискриминирај љубовта“. Преку овој краток едно минутен филм младите волонтери сакаат да ја пренесат пораката за почитување на младите ЛГБТИК луѓе и соочување со хомофобијата. Преку овие движечки слики младите волонтери ја праќаат пораката дека без апсолутно почитување на правата на сите, вклучително и младите ЛГБТИК луѓе, не е можно да градиме отворено и демократско општество. Поради тоа потребно е да се справиме со хомофобијата, таа повеќе да не биде дел од нашето секојдневие, потребно е да се соочиме со стереотипите и табуата, а кои многу често испречуваат пред нас заради неинформираноста.
И да хомофобијата е тука, не треба да ги затвораме очите пред нејзе.
Присутната хомофобија во секојдневието на младите не се отстранува лесно. Особено ако за неа нема ништо во учебниците на основците и средношколците, особено ако се уште стручната јавност ја нема во дебата за правата на ЛГБТК, ако во јавниот и државничкиот говор за ЛГБТК луѓето се зборува како за нездрави и неприродни.

Затоа ни треба:
• Пораки од политичари и јавни личности кои ги прифаќаат младите ЛГБТК како еднакви во општеството.
• Бараме казни за оние кои шират говор на омраза и повикуваат на насилство.
• Ни треба сексуално образование и обучен стручен кадар.
• Ни треба активна и неисплашена стручна јавност да ги разбие митовите и предрасудите за ЛГБТК.

Заедно за подобар свет, со еднакви права за сите!

60 години Меѓународна федерација за планирано родителство

Драги наши членови, пријатели и соработници,

Годинава се навршуваат шеесет години од формирањето наМеѓународната федерација за планирано родителство (МФПР). Организацијата беше формирана во1952 година во Бомбај (Мумбај) со цел остварување на репродуктивните права на жените. Денес, организацијата брои 172 земји членки во кои се воспоставени околу 65 000 клиники. Со проценетите 85 милиони услуги на годишно ниво, МФПР остварува сериозен придонес кон подобрување на сексуалното и репродуктивното здравје низ целиот свет. Своите услуги и залагања ги заснова врз убедувањето дека сите луѓе, без разлика на различните обележја и социјалната позиција, имаат право на здрав и задоволувачки сексуален и репродуктивен живот и дека, при остварување на тоа право, можат самостојно да донесуваат одлуки. Х.Е.Р.А. како полноправна членка на МФПР, водејќи се од ова начело во земјава работи веќе дванаесет години и годишно остварува околу 35 000, доверливи и бесплатни, услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Со многу чекори напред, некогаш со исто толку, повторно, назад, соработувавме и соработуваме со неколку различни администрации избрани од граѓаните на Македонија. При тоа, мораме да ги поздравиме  оние кои, знаеја или сè уште знаат, да ја стават настрана својата политичка промоција, партиската идеологија и да ги препознаат сериозниот долгорочен пристап заснован на научни сознанија и да ја видат вистинската придобивка за граѓаните, не само во работата на ХЕРА, туку воопшто во граѓанскиот сектор којшто помага во унапреду- вање на кој било сегмент на сексуалното и репродуктивното и сексуалните права во Mакедонија. За да ја одбележиме годишнината на Федерацијата решивме да ја издадеме оваа публикација која има за цел да ја информира јавноста за важноста и поврзаноста на различните аспекти на сексуалното и репродуктивното здравје и сексуални права во општествениот живот. Добро е што последнава деценија оваа тема почна да добива една поголема видливост и да биде дел од секојдневниот дискурс, но од друга страна, се наметнаа анахронични тенденции за ограничување на правото на избор.

Затоа решивме да ги поканиме оние кои секојдневно работат на остварување на нашата мисија и да го кажат своето мислење. Жените и мажите кои работат во ХЕРА се обидоа, низ своите текстови, преку своите лични согледувања, да ги истакнат проблемите со кои се соочуваат секојдневно и кои стојат како пречки за остварување на правата на граѓаните, кога сексуалното и репродуктивното здравје е во прашање. Начинот на нивното обраќање е воочлив. Краток есеистички израз и пет факти од областа која е обработена. Нивната посветеност и нивното искуство се најобјективната референца. Проследете ги овие текстови со внимание и оставете ги вашите убедувања и идеологии на страна. Бидејќи ова е почеток на  eден дијалог. Се работи за социјалната правда и подобар живот за сите нас.

Д-р Милена Стевановиќ, Претседател

ПУБЛИКАЦИЈАТА МОЖЕ ДА ЈА ПРЕЗЕМЕТЕ НА СЛЕДНИОВ ЛИНК 

Сексуалноста на лицата со попреченост не смее да биде режим на забранети допири

Постои само една работа која мора да ја знаете како генерален факт за сексуалноста и лицата со попреченост: Лицата со попреченост се сексуални битија и имаат сексуални односи!
Покрај овој факт, се друго, кога станува збор за сексуалноста и лицата со попреченост, е променливо и не може да биде образец. Терминот лица со попреченост опфаќа различни категории на лица во зависност од видот на попреченоста: интелектуална попреченост, физичка попреченост, оштетен вид, оштетен слух… Како и секое лице без попреченост, така и овие лица имаат различен интерес, различни ставови, различен начин на учење и однесување, па токму затоа не можат да се прифатат предрасудите дека:

  • Лицата со попреченост не може да бидат добри родители, бидејќи нема да знаат и можат да   се грижат за своите деца
  • Лицата со попреченост не смеат да имаат сексуално образование бидејќи тоа ќе ги поттикне да имаат сексуални односи
  • Лицата со попреченост имаат зголемен сексуален нагон и треба да им се забрани да имаат сексуални односи, бидејќи ќе имаат зголемен број на непланирани бремености.

Нема гаранција за добро родителство, нема „рецепт” за врвно сексуално задоволство и „совршена врска” во која партнерите нема да имаат конфликти. Зошто тогаш да очекуваме „совршенството” да важи за сексуалноста, планирањето на семејство и родителство на лицата со попреченост!? Нели е подобро наместо да „судиме” и зборуваме за „забранети допири“ да се едуцираме и ние и лицата со попреченост за тоа како да уживаме во сексуалноста, како да се заштитиме себе си и нашите партнери од сексуалнопреносливи инфекции и ХИВ, како да експериментираме во сексот за да го доживееме врвното сексуално задоволство!? соодветното сексуално образование ќе придонесе да се каже НЕ на несаканите допири, да се избере соодветно средство за заштита од непланирана бременост и да се одбере соодветниот сексуален партнер.

 

 

Весна Матевска,

асистент на програмата пристап до сервиси

 

 

Пет факти
1. Мажите со Down синдром имаат сексуален нагон и практикуваат сексуални односи, но главно се стерилни, бидејќи во нивната сперма нема сперматозоиди. Жените со Down синдром се плодни
2. Мастурбирањето за некои лица со попреченост може да биде единствениот начин за доживување на сексуално задоволство
3. Агресивноста и фрустрацијата кај некои лица со попреченост може да биде последица на повеќегодишното потиснување на сексуалниот нагон и сексуалната енергија
4. Според Закон за семејство на РМ, дел од Член 18, лица кои заостануваат во менталниот (психичкиот) развој нe можат да склучат брак, а припаѓаат во групата на лица со тешка и најтешка ментална заостанатост IQ под 36 °
5. Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност (попреченост), која РМ ја ратификуваше во 2011 година, ги штити правата на лицата со инвалидност да одлучуваат слободно и одговорно за бројот на планирањето на своите деца и да имаат пристап до информации соодветни на возраста, признавање на образование за репродуктивно и семејно планирање, како и обезбедување на средствата неопходни за да им се обезбеди да остварување на овие права.

Овој текст е дел од публикацијата по повод шеесет години од формирањето на Меѓународната федерација за планирано родителство.

Обединувачката нишка на концептот сексуално и репродуктивно здравје

Секој ќе рече дека здравјето и достоинството на луѓето не познава компромиси. Но кога зборуваме за сексуалното и репродуктивното здравје нештата стануваат поинакви, тие кои се најгласни со овој став, најчесто, бараат компромиси. Ако споменеме абортус, контрацепција, ХИВ/СИДА, жени, адолесценти, ЛГБТ лица, се потсетуваме на децениската битка против социјалната, политичката и културолошката неправда којашто стои на патот на придобивките од здравјето, сексуалноста и различноста на луѓето. Секојдневни се предизвиците против табуата, предрасудите, стигматизацијата и дискриминицијата насочени кон луѓе кои единтвено сакаат да ги уживаат своите права на здрави сексуални битија.
Концептот на сексуално и репродуктивно здравје не познава само физичко здравје, односно отсуство на болести туку и ментална и социјал на благосостојба, при што луѓето се ослободени од осуда и насилство и можат слободно да ја живеат и слават својата сексуалност.
Човековите права и сексуалното и репродуктивното здравје се взаемно поврзани. Во услови во кои правото за абортус е скратено, една жена која сака да ја прекине бременоста не може да очекува дека нејзиното здравје ќе остане сочувано. Геј маж нема да биде слободен да го живее својот родов идентитет во целост за да не ја изгуби својата работа, доколку правото за сексуал- на ориентација не му е заштитено. Младите нема да знаат како да го заштитат своето здравје од сексуално преносливи инфекции и неса кана бременост ако во училиштата не се предавасексуално образование и им се ограничува правото до информации. Паровите, во кои ед ниот од партнерите или двајцата се со ХИВ, нема да можат да остварат свое потомство ако лекарите не знаат или го негираат правото за планирање на родителството. Жените нема да бидат рамноправни со мажите ако се ограничи пристапот до контрацепција, други лекови и воопшто, им се ограничува правото до здравствените услуги.

Сексуалното и репродуктивно здравје е јавноздравствена придобивка, а почитувањето и признавањето на индивидуалните слободи и права нејзин основен темел. Ние во ХЕРА од тука почнавме и во тој правец продолжуваме.

Бојан Јовановски – Извршен директор на Х.Е.Р.А.

 

 

 

 

 

Пет факти

 

1. Во 1994 година на Меѓународната Конференција за Популација и Развој, е донесена „Програма за акција“, што е прв меѓунаро ден политички документ којшто го дефинира репродуктивното здравје и права како и обврските на владите за сексуалното и репродуктивното здравје

2. Во 2001 година Владите од земјите членки на Обединетите нации ја донесуваат Политичката Декларација за ХИВ/СИДА кој поставува низа на национални цели и глобални акции во борба против епидемијата

3. Во 2002 година, за време на меѓународен консултативен состанок за сексуално здравје организиран од страна на Светската Здравствена Организација, е направена техничка дефиниција за сексуалните права, во која се дефинира и правото на избор на партнерот

4. Во 2006 година „Универзални от пристап до репродуктивно здравје“ станува дел од 8-те „Милениумски развојни цели “ донесени од страна на Обединетите Нации во 2000 година

5. Владата на Македонија во 2001 ја усвојува првата национална стратегија за ХИВ/СИДА, а 10 години подоцна и Националната Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје (2011).

Овој текст е дел од публикацијата по повод шеесет години од формирањето на Меѓународната федерација за планирано родителство.

Република млади

Република млади – закачи си на www.republikamladi.mk слободна територија за дискусија за сите прашања, за нас, за младите.

Република Млади е иницијатива за одбрана на младинското учество. 60-тина организации од Македонија, младински и граѓански, се заложија да ја предизвикаат младинската мисла и да го рашират младинскиот глас за потребата од креирање платформа за младинска демократија. Платформата треба да обезбеди учество и влијание на младите во одлучувањето на сите нивоа во државата.

Република Млади во моментов е неформална иницијатива/коалиција која своите независни ставови ги гради врз база на искуствата, експертизите и перцепциите на своите организации, членки и поддржувачи. Активностите на иницијативата ги организира Координативно тело, во консултација со сите организации-членки.

Основна цел на Иницијативата е да дејствува кон креирање демократски, репрезентативен и инклузивен модел на национално младинско организирање во Република Македонија. Во таа насока, Република Млади цели да ја обезбеди државата за свој партнер во овој процес, а активно ќе соработува и со сите меѓународни институции и организации кои се активни во областа на младинското учество.

Република Млади е отворена платформа во која може да се приклучи секоја младинска или граѓанска организација која ги споделува целите на иницијативата. Контактирајте на info@republikamladi.mk за приклучување на вашата организација во Република Млади.