Целокупната сексуалност и родот се многу комплексни теми кои често пати не се целосно разбрани. Сексуалноста е креирана под влијание на социо-културни и билошки фактори. Овој пост ќе го посветиме на трансродовите личности.
Овој термин се користи глобално за сите индивидуи, групи на луѓе, како и одредени видови на однесување врзани со овие индивидуи/групи кои се разликуваат од традиционалните родови улоги. Ова всушност е состојба кога кај едно лице родовиот идентитет (како се чувствува лицето-маж, жена, ниту маж ниту жена или двете) не се совпаѓа со неговиот пол (маж, жена или пак интересексуални личности -личности кои носат карактеристики и од двата пола- личности, порано нарекувани хермафродити). Важно да се напомене дека оваа состојба не сугерира на некоја конкретна секссуална ориентација. Трансродовите личности можат да бидат хетеросексуалци, хомосексуалци, бисексуалци. Исто така некои можат да бидат и асексуални.
Исто така, треба да се напомене дека постојат транс иднетитети кои се разликуваат меѓусебе. Тука може да се напоменат: трансексуалците, cross-dressers, gender queers, андрогините личности, биродовите личности, drag kings & queens и др.
Во продолжение може да го прочитате интејвуто со Бојан (ова му е псевдоним), транссексуалец од Македонија. Ова интервју беше дел од емисијата „Секси маало“, која се емитуваше на 9-ти мај на Радио МОФ. Благодарност за Коалицијата „Сексуални и здравствените права на маргинализираните заедници која го овозможи ова интервју.
Кога сфативте дека се чувствувате како другиот пол?
Чувството на припадност кон машката популација кај мене било присутно откако знам за себе, уште пред воопшто да дознаам за разликите кои општеството ги прави врз основа на полот на поединецот. Тој несклад кај мене несомнено продолжи да постои и во следните години, низ адолесценцијата и за жал, се’ уште постои, затоа што ја немам завршено правната и медицинската процедура. Ваквото континуирано чувство сосема ги елиминира предрасудите во однос на тоа дека се работи за слободен избор. Да бидеш транссексуална личност воопшто не е избор, изборот се однесува само на начинот на кој ќе го поминете целиот процес.
Како изгледа Вашето секојневие и што работите?
Моето секојдневие изгледа како и кај секој друг човек, единствената разлика е што мојата професија ми овозможува да работам од дома наместо во некоја организација. Кога би ме сретнале, не би забележале ништо, едноставно функционираме како и сите други луѓе, со исклучок на моментите во кои пречките се поставени од страна на институциите и кои често создаваат големи проблеми за нас.
Дали сте дискриминирани? Каде? Како?
Јас се чувствувам дискриминиран пред се’ од страна на државата, поради непостоењето на буквално никакви можности за луѓето како мене да можат да живеат нормален живот, без да бидат дискриминирани поради нивниот родов идентитет. Немаме никакви закони за оваа тема, што претставува директна дискриминација на нашата група за луѓе. Немаме медицински тим, а овој факт го става нашето здравје во опасност, а да не заборавиме дека државата има обврска да обезбеди здравствена заштита буквално за сите свои граѓани. Засега едноставно има некоја неусогласена пракса која не само што е противуставна и прекршува неколку членови од Европската Конвенција за човекови права, туку е далеку од законските прописи кои може да ги земеме како пример од соседните земји, како и од другите држави низ светот.
Насилство?
Се имам соочувано со насилство во повеќе наврати, и морам да посочам дека иако во мојот случај физичкото насилство било многу поретко од психичкото, сепак психичкото е она што остава вистински траги. Самото неприфаќање, караниците и сличните ситуации се нешто кое многу лошо би влијаело на секој човек. Се прашувам што се случува со „Биди тоа што си“? Дали ние сме исклучоци од тоа? Дали е тоа фер? Сметам дека одговорот е јасен.
Прифатени од семејството, околината, пријателите. Да/Не?
Сум имал среќа да бидам прифатен од дел од моето семејство, но повеќето членови беа против тоа, и затоа неколкупати морав присилно да се селам во последнава година и пол. Воопшто не е пријатно искуство, но сепак морам да посочам дека оние луѓе кои ме прифатија, меѓу кои имам многу пријатели и колеги, се оние кои всушност ја одржуваат мојата мотивација да продолжам понатаму и да имам продуктивен живот, искористувајќи го својот потенцијал до максимум.
Што би промениле за да се подобри ситуацијата?
За да се подобри ситуацијата генерално, и кај мене и кај другите транс луѓе, јас би продолжил да бидам активен како што сум сега, па и повеќе. Моите пријатели кои се во иста ситуација, а и јас, сме во секојдневна битка со институциите кои не попуштаат пред нашите очигледни и јасни права, се прекршуваат многу закони а групата на луѓе во која сум и јас имаме голема желба за да помогнеме да се поправи ситуацијата. Има многу транс луѓе кои се плашат отворено да се искажат поради можноста од тотално отфрлање. Сакаме да направиме да им биде подобро. Имаме поддршка од неколку организации за човекови права, и сметаме дека имаме солидна основа за добар напредок. Нештата се поврзани – комплетирањето на мојата постапка ќе биде преседан и основа за донесување закони, и обратно, донесувањето соодветни закони би ми овозможило да ја комплетирам процедурата. Затоа сите работиме заедно.
Лични документи?
Од личните документи го имам променето само името, а матичниот број и ознаката за полот не ми беше дозволено да ги променам, без никакво образложение и без законска основа. Ова е уште еден случај на дискриминација, а воедно и случај на присилна стерилизација од страна на државата, нешто што веќе скоро никаде не се применува. Што ако сум еден од оние кои од одредени причини не сакаат или не можат да ја направат “конечната“ операција? „Тогаш според законските прописи нема да можеме да ви одобриме“ – рекоа од министерството за правда. Кои законски прописи, кога немаме закони за тоа, и кога институциите упорно измислуваат практика која само на нив им одговара?
Операција/третман…Ситуацијата кај нас?
Засега само земам хормонска терапија, која ја плаќам од свој џеб и за која еднаш до двапати годишно морам да патувам во странство за прегледи, на сопствен трошок, а операција немам направено од две причини: 1. Во државава тие хируршки процедури воопшто не се изведуваат, а и нема никаков интерес, главно поради предрасудите кон транс-популацијата и ставот дека ваквите операции се прават по избор, а дека не претставуваат потреба; 2. Надвор од државава, цените се премногу високи. Од една страна државата бара од мене да ги имам направено сите операции за да го променам матичниот број, што го имам на писмено, а од друга страна фондот за здравство одбива да ги финансира операциите во странство, за што, секако, имам писмен доказ. Со други зборови, очекуваат да ги направам на сопствен трошок хируршките интервенции, што сега достигнуваат 15.000 евра, за што имам писмен доказ, а моите месечни приходи се движат од 5 до 6 илјади денари. Ова дава јасна слика за тоа во каква ситуација се наоѓаат транссексуалните лица во државава.
Што би сакале да порачате на останатите?
Би сакал да им порачам да се информираат повеќе на оваа тема, затоа што недоволната информираност на поединците и пред се’ институциите е всушност главната причина за горенаведените проблеми. Би сакал да им објаснам дека се работи за медицинска потреба, за да се обидат да разберат дека и ние сме луѓе како и сите други, луѓе на кои им треба прифаќање и разбирање како и на секој друг човек, дека само сакаме нормален живот со еднакви права како и сите други луѓе.