Приказната за една кампања

DSC_0025И еве ме девојка во 21 век… Секој ден од сите страни слушам дека светот оди напред, научниците успеале да откријат ваква и ваква работа, владите и државите имплементирале ова и ова, почнале да се користат нови модели, се воведуваат најразлични иновации во најразлични области… А, ние?

Ние во последниве години како да тапкаме во место. Можеби и не тапкаме, можеби  дури и се враќаме неколку чекори наназад…

Во нашава мала државичка дури и во 21 век, во модерното време се користат апсолутно исти техники како во одредени држави во средината на 20ти век… Пропагандата на Гебелс,  постулатите на Бернеј… активно се вклучени во нашиот општествен живот.

Е да, Гебелс користел радио,  а сега се користи телевизија… Нашиот просечен човек и нема некој голем избор на канали, односно има… но, на сите се врти истата содржина.  Внимателно избрано времето (околу спортски случувања,  празници) на емитување, внимателно избрано времето на повторување, внимателно избрани слогани…  Менување на свеста… Силување на интелектот на нашиот граѓанин.

И ќе се прашаме каде е тука насилството?  Насилството е составен дел на оние манипулативни пораки… Оние пораки кои навидум изгледаат безопасни… Пораки кои не повредуваат никого… Пораки кои на прв поглед  изгледаат вообичаено,а во суштина се исполнети со насилни содржини, скриени значења…  И тие пораки се оние пораки кои на најбрутален можен начин ја силуваат свеста на гледачите и најефективно ги менуваат нивните ставови.

Кај нас, се започна пред некои 6 години… Тогаш патувајќи накај факултет ги забележав постерите кои го преплавија нашево Скопје… Страшни слики, проследени со пораки дека абортусот е убиство… Директно посочување кон жената што направила абортус дека е убиец. Стигматизација и нетолерантност. Нарачател: непознат.

2009 година- покрај најавите за промена на законот абортус почнува да се спроведува кампањата за штетните последици од истиот.  Нарачател: Влада на РМ Премиерот во тоа време изјавува дека никој нема намера да го забрани абортусот туку да ги покаже ризиците од неговото изведување. Повторно манипулирање со обичниот граѓанин, кој сакал-нејќел беше изложен на овие рекламни спотови…

Многу скоро во нашиот медиумски простор почнува да се врти кампањата: „Имаш право на избор. Избери живот.“  Цел- менување на свеста на луѓето. Нарачател: Влада на РМ Слоганот насилен и насочувачки. Доколку некој, не навлегувајќи во суштината на истиот, го прочита овој слоган во очи ќе му падне зборот избор- што недвосмислено насочува кон можноста девојките/жените да направат избор во животот каков што тие сакаат и да си ги остварат правата, без притоа никој да им се меша во истото . Тоа е така, но само навидум… Вториот дел од самата порака јасно укажува на тоа каков треба да биде изборот на секоја жена/девојка.  Стигматизација и нетолерантност кон девојките/жените кои сакаат да направат (или веќе направиле) абортус.

Но тоа не е се…Овој циклус продолжи со менување на законот за абортус. Законот заради спорните одредби (чекање од 3 дена, советување за придобивките од бременоста и сл.) стана порестриктивен.  Стигматизација и нетолерантност кон изборот на девојките/ жените, и женските права, дискриминација на девојките/ жените  кои не се економски моќни, кои немаат непречен пристап до здравствени услуги…

И повторно нов циклус на реклами кои посочуваат на предностите од бременоста, ризиците од абортусот и врвот на врвовите- реченицата на последната рекламна порака- „ Ви честитам, убивте здраво дете.“  Рекламата беше повлечена, но целта постигната- свеста на граѓаните почна да се менува… на полошо. Дискриминација на жената и нејзините права.

Сменета свест и потрошено мало богатство (проценките се дека од 2009 година наваму, се трошат по 36 милиони денари на годишно ниво за оваа кампања).Со тие пари, на годишно ниво во Македонија може да се обезбеди бесплатна контрацепција за околу 6000 жени и да се спроведе едукација на жените за користењето на контрацепцијата, а со тоа да се намали стапката на абортус.

Факт- Вака (на досегашниот начин- кампањи, менување на закон) не се намалува бројот на абортуси. Новиот закон за абортус ќе го отежни слободниот пристап до абортус. Така барем велат  71% од гинеколозите во Македонија.

Факт-45% од младите во Македонија ги осудуваат жените кои направиле абортус.

Факт- Медиумските кампањи ја менуваат свеста!!! Абортусот може да се случи секому.  Да не паѓаме на површни кампањи ! Да ги почитуваме женските права!

Да не дозволиме да ни влијаат манипулативни пораки!!!

Да не дозволиме да ни ги избришат цивилизациските вредности и придобивки.

Промената почнува со мене!

Македонија има љубов за сите!

Advertisements

[Твитатон] Не паѓај на површни кампањи!

Кампањата против абортусот, или како што другите милуваат да ни кажат, кампањата за запознавање на јавноста со негативните последици од абортус, започнаа пред 4 години.

Се разбира кампањите не беа цел сами за себе. После неколку години од неборени минути на владини кампањи и потрошени милиони денари на буџетски пари, ова лето се случи промената на законот за абортус.

Овој закон не беше во прилог на жените во нашата земја. Овој закон само го отежнува пристапот до абортусот. Најверојатно веќе знаеете за задолжителните три дена чекање и задолжителното советување, пропратено со целата друга медицинска и адмистративна документација.

 

istrazuvanje

Откако, законот беше донесен, ние решивме да направиме истражување и да видиме кој се ставовите на општата јавност, но и гинеколозите околу прашањата, како и ефектите врзани со кампањите и новиот закон.

Истражувањето покажа, вложените пари го дадоа својот ефект.

Но, сите заедно треба да се спротиставиме на овие манипулативни кампањи.

Во среда од 12 до 16 часот, бидете на твитер, користете хаштаг #абортус и споделете го вашиот став со другите за оваа кампања, но и за сите други „добри“ работи што ни се случуваат.

4 ПРЕЧКИ ДО ОСТВАРУВАЊЕТО НА ПРАВОТО НА ИЗБОР – Видете ги разликите и последиците од „малите“ измени во новиот закон за прекинување на бременоста

 

Објавено на сајтот на ХЕРА

60 години Меѓународна федерација за планирано родителство

Драги наши членови, пријатели и соработници,

Годинава се навршуваат шеесет години од формирањето наМеѓународната федерација за планирано родителство (МФПР). Организацијата беше формирана во1952 година во Бомбај (Мумбај) со цел остварување на репродуктивните права на жените. Денес, организацијата брои 172 земји членки во кои се воспоставени околу 65 000 клиники. Со проценетите 85 милиони услуги на годишно ниво, МФПР остварува сериозен придонес кон подобрување на сексуалното и репродуктивното здравје низ целиот свет. Своите услуги и залагања ги заснова врз убедувањето дека сите луѓе, без разлика на различните обележја и социјалната позиција, имаат право на здрав и задоволувачки сексуален и репродуктивен живот и дека, при остварување на тоа право, можат самостојно да донесуваат одлуки. Х.Е.Р.А. како полноправна членка на МФПР, водејќи се од ова начело во земјава работи веќе дванаесет години и годишно остварува околу 35 000, доверливи и бесплатни, услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Со многу чекори напред, некогаш со исто толку, повторно, назад, соработувавме и соработуваме со неколку различни администрации избрани од граѓаните на Македонија. При тоа, мораме да ги поздравиме  оние кои, знаеја или сè уште знаат, да ја стават настрана својата политичка промоција, партиската идеологија и да ги препознаат сериозниот долгорочен пристап заснован на научни сознанија и да ја видат вистинската придобивка за граѓаните, не само во работата на ХЕРА, туку воопшто во граѓанскиот сектор којшто помага во унапреду- вање на кој било сегмент на сексуалното и репродуктивното и сексуалните права во Mакедонија. За да ја одбележиме годишнината на Федерацијата решивме да ја издадеме оваа публикација која има за цел да ја информира јавноста за важноста и поврзаноста на различните аспекти на сексуалното и репродуктивното здравје и сексуални права во општествениот живот. Добро е што последнава деценија оваа тема почна да добива една поголема видливост и да биде дел од секојдневниот дискурс, но од друга страна, се наметнаа анахронични тенденции за ограничување на правото на избор.

Затоа решивме да ги поканиме оние кои секојдневно работат на остварување на нашата мисија и да го кажат своето мислење. Жените и мажите кои работат во ХЕРА се обидоа, низ своите текстови, преку своите лични согледувања, да ги истакнат проблемите со кои се соочуваат секојдневно и кои стојат како пречки за остварување на правата на граѓаните, кога сексуалното и репродуктивното здравје е во прашање. Начинот на нивното обраќање е воочлив. Краток есеистички израз и пет факти од областа која е обработена. Нивната посветеност и нивното искуство се најобјективната референца. Проследете ги овие текстови со внимание и оставете ги вашите убедувања и идеологии на страна. Бидејќи ова е почеток на  eден дијалог. Се работи за социјалната правда и подобар живот за сите нас.

Д-р Милена Стевановиќ, Претседател

ПУБЛИКАЦИЈАТА МОЖЕ ДА ЈА ПРЕЗЕМЕТЕ НА СЛЕДНИОВ ЛИНК