60 години Меѓународна федерација за планирано родителство


Драги наши членови, пријатели и соработници,

Годинава се навршуваат шеесет години од формирањето наМеѓународната федерација за планирано родителство (МФПР). Организацијата беше формирана во1952 година во Бомбај (Мумбај) со цел остварување на репродуктивните права на жените. Денес, организацијата брои 172 земји членки во кои се воспоставени околу 65 000 клиники. Со проценетите 85 милиони услуги на годишно ниво, МФПР остварува сериозен придонес кон подобрување на сексуалното и репродуктивното здравје низ целиот свет. Своите услуги и залагања ги заснова врз убедувањето дека сите луѓе, без разлика на различните обележја и социјалната позиција, имаат право на здрав и задоволувачки сексуален и репродуктивен живот и дека, при остварување на тоа право, можат самостојно да донесуваат одлуки. Х.Е.Р.А. како полноправна членка на МФПР, водејќи се од ова начело во земјава работи веќе дванаесет години и годишно остварува околу 35 000, доверливи и бесплатни, услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Со многу чекори напред, некогаш со исто толку, повторно, назад, соработувавме и соработуваме со неколку различни администрации избрани од граѓаните на Македонија. При тоа, мораме да ги поздравиме  оние кои, знаеја или сè уште знаат, да ја стават настрана својата политичка промоција, партиската идеологија и да ги препознаат сериозниот долгорочен пристап заснован на научни сознанија и да ја видат вистинската придобивка за граѓаните, не само во работата на ХЕРА, туку воопшто во граѓанскиот сектор којшто помага во унапреду- вање на кој било сегмент на сексуалното и репродуктивното и сексуалните права во Mакедонија. За да ја одбележиме годишнината на Федерацијата решивме да ја издадеме оваа публикација која има за цел да ја информира јавноста за важноста и поврзаноста на различните аспекти на сексуалното и репродуктивното здравје и сексуални права во општествениот живот. Добро е што последнава деценија оваа тема почна да добива една поголема видливост и да биде дел од секојдневниот дискурс, но од друга страна, се наметнаа анахронични тенденции за ограничување на правото на избор.

Затоа решивме да ги поканиме оние кои секојдневно работат на остварување на нашата мисија и да го кажат своето мислење. Жените и мажите кои работат во ХЕРА се обидоа, низ своите текстови, преку своите лични согледувања, да ги истакнат проблемите со кои се соочуваат секојдневно и кои стојат како пречки за остварување на правата на граѓаните, кога сексуалното и репродуктивното здравје е во прашање. Начинот на нивното обраќање е воочлив. Краток есеистички израз и пет факти од областа која е обработена. Нивната посветеност и нивното искуство се најобјективната референца. Проследете ги овие текстови со внимание и оставете ги вашите убедувања и идеологии на страна. Бидејќи ова е почеток на  eден дијалог. Се работи за социјалната правда и подобар живот за сите нас.

Д-р Милена Стевановиќ, Претседател

ПУБЛИКАЦИЈАТА МОЖЕ ДА ЈА ПРЕЗЕМЕТЕ НА СЛЕДНИОВ ЛИНК 

Leave a comment