Јас сум трансексуалец….. во Македонија

Целокупната сексуалност и родот се многу комплексни теми кои често пати не се целосно разбрани. Сексуалноста е креирана под влијание на социо-културни и билошки фактори. Овој пост ќе го посветиме на трансродовите личности.

Овој термин се користи глобално за сите индивидуи, групи на луѓе, како и одредени видови на однесување врзани со овие индивидуи/групи кои се разликуваат од традиционалните родови улоги.  Ова всушност е состојба кога кај едно лице родовиот идентитет (како се чувствува лицето-маж, жена, ниту маж ниту жена или двете) не се совпаѓа со неговиот пол (маж, жена или пак интересексуални личности -личности кои носат карактеристики и од двата пола- личности, порано нарекувани хермафродити). Важно да се напомене дека оваа состојба не сугерира на некоја конкретна секссуална ориентација. Трансродовите личности можат да бидат хетеросексуалци, хомосексуалци, бисексуалци. Исто така некои можат да бидат и асексуални.

Исто така, треба да се напомене дека постојат транс иднетитети кои се разликуваат меѓусебе. Тука може да се напоменат: трансексуалците, cross-dressers, gender queers, андрогините личности, биродовите личности, drag kings & queens  и др.

Во продолжение може да го прочитате интејвуто со Бојан (ова му е псевдоним), транссексуалец од Македонија. Ова интервју беше дел од емисијата „Секси маало“, која се емитуваше на 9-ти мај на Радио МОФ. Благодарност за Коалицијата „Сексуални и здравствените права на маргинализираните заедници која го овозможи ова интервју.

Кога сфативте дека се чувствувате како другиот пол?

Чувството на припадност кон машката популација кај мене било присутно откако знам за себе, уште пред воопшто да дознаам за разликите кои општеството ги прави врз основа на полот на поединецот. Тој несклад кај мене несомнено продолжи да постои и во следните години, низ адолесценцијата и за жал, се’ уште постои, затоа што ја немам завршено правната и медицинската процедура. Ваквото континуирано чувство сосема ги елиминира предрасудите во однос на тоа дека се работи за слободен избор. Да бидеш транссексуална личност воопшто не е избор, изборот се однесува само на начинот на кој ќе го поминете целиот процес.

Како изгледа Вашето секојневие и што работите?

Моето секојдневие изгледа како и кај секој друг човек, единствената разлика е што мојата професија ми овозможува да работам од дома наместо во некоја организација. Кога би ме сретнале, не би забележале ништо, едноставно функционираме како и сите други луѓе, со исклучок на моментите во кои пречките се поставени од страна на институциите и кои често создаваат големи проблеми за нас.

Дали сте дискриминирани? Каде? Како?

Јас се чувствувам дискриминиран пред се’ од страна на државата, поради непостоењето на буквално никакви можности за луѓето како мене да можат да живеат нормален живот, без да бидат дискриминирани поради нивниот родов идентитет. Немаме никакви закони за оваа тема, што претставува директна дискриминација на нашата група за луѓе. Немаме медицински тим, а овој факт го става нашето здравје во опасност, а да не заборавиме дека државата има обврска да обезбеди здравствена заштита буквално за сите свои граѓани. Засега едноставно има некоја неусогласена пракса која не само што е противуставна и прекршува неколку членови од Европската Конвенција за човекови права, туку е далеку од законските прописи кои може да ги земеме како пример од соседните земји, како и од другите држави низ светот.

Насилство?

Се имам соочувано со насилство во повеќе наврати, и морам да посочам дека иако во мојот случај физичкото насилство било многу поретко од психичкото, сепак психичкото е она што остава вистински траги. Самото неприфаќање, караниците и сличните ситуации се нешто кое многу лошо би влијаело на секој човек. Се прашувам што се случува со „Биди тоа што си“? Дали ние сме исклучоци од тоа? Дали е тоа фер? Сметам дека одговорот е јасен.

Прифатени од семејството, околината, пријателите. Да/Не?

Сум имал среќа да бидам прифатен од дел од моето семејство, но повеќето членови беа против тоа, и затоа неколкупати морав присилно да се селам во последнава година и пол. Воопшто не е пријатно искуство, но сепак морам да посочам дека оние луѓе кои ме прифатија, меѓу кои имам многу пријатели и колеги, се оние кои всушност ја одржуваат мојата мотивација да продолжам понатаму и да имам продуктивен живот, искористувајќи го својот потенцијал до максимум.

Што би промениле за да се подобри ситуацијата?

За да се подобри ситуацијата генерално, и кај мене и кај другите транс луѓе, јас би продолжил да бидам активен како што сум сега, па и повеќе. Моите пријатели кои се во иста ситуација, а и јас, сме во секојдневна битка со институциите кои не попуштаат пред нашите очигледни и јасни права, се прекршуваат многу закони а групата на луѓе во која сум и јас имаме голема желба за да помогнеме да се поправи ситуацијата. Има многу транс луѓе кои се плашат отворено да се искажат поради можноста од тотално отфрлање. Сакаме да направиме да им биде подобро. Имаме поддршка од неколку организации за човекови права, и сметаме дека имаме солидна основа за добар напредок. Нештата се поврзани – комплетирањето на мојата постапка ќе биде преседан и основа за донесување закони, и обратно, донесувањето соодветни закони би ми овозможило да ја комплетирам процедурата. Затоа сите работиме заедно.

Лични документи?

Од личните документи го имам променето само името, а матичниот број и ознаката за полот не ми беше дозволено да ги променам, без никакво образложение и без законска основа. Ова е уште еден случај на дискриминација, а воедно и случај на присилна стерилизација од страна на државата, нешто што веќе скоро никаде не се применува. Што ако сум еден од оние кои од одредени причини не сакаат или не можат да ја направат “конечната“ операција? „Тогаш според законските прописи нема да можеме да ви одобриме“ – рекоа од министерството за правда. Кои законски прописи, кога немаме закони за тоа, и кога институциите упорно измислуваат практика која само на нив им одговара?

Операција/третман…Ситуацијата кај нас?

Засега само земам хормонска терапија, која ја плаќам од свој џеб и за која еднаш до двапати годишно морам да патувам во странство за прегледи, на сопствен трошок, а операција немам направено од две причини: 1. Во државава тие хируршки процедури воопшто не се изведуваат, а и нема никаков интерес, главно поради предрасудите кон транс-популацијата и ставот дека ваквите операции се прават по избор, а дека не претставуваат потреба; 2. Надвор од државава, цените се премногу високи. Од една страна државата бара од мене да ги имам направено сите операции за да го променам матичниот број, што го имам на писмено, а од друга страна фондот за здравство одбива да ги финансира операциите во странство, за што, секако, имам писмен доказ. Со други зборови, очекуваат да ги направам на сопствен трошок хируршките интервенции, што сега достигнуваат 15.000 евра, за што имам писмен доказ, а моите месечни приходи се движат од 5 до 6 илјади денари. Ова дава јасна слика за тоа во каква ситуација се наоѓаат транссексуалните лица во државава.

Што би сакале да порачате на останатите?

Би сакал да им порачам да се информираат повеќе на оваа тема, затоа што недоволната информираност на поединците и пред се’ институциите е всушност главната причина за горенаведените проблеми. Би сакал да им објаснам дека се работи за медицинска потреба, за да се обидат да разберат дека и ние сме луѓе како и сите други, луѓе на кои им треба прифаќање и разбирање како и на секој друг човек, дека само сакаме нормален живот со еднакви права како и сите други луѓе.

Фестивалот “Ѕуница“ по седми пат

На 18-ти април (среда) со почеток во 19.30 часот, по седми пат ќе се организира фестивалот „Ѕуница“. Програмата на фестивалот преку повеќе проекции на играни и документарни филмови има за цел да даде придонес кон културната сцена на ЛГБТ заедницата кај нас.

Проекциите ќе се одржуваат во Кино ФРОСИНА во МКЦ. Целосната програма на фестивалот можете да ја преземете на следниов линк.

И оваа година тимот на Ѕуница и ЕГАЛ нудат програма со интересни филмови, а кои најчесто и за прв пат се прикажуваат во некоја од кино салите во Македонија.

Цената на хуморот

Како што можете да видите и подоле во постов, ова е реакција на последното видео на Марјан Георгиевски.

Во последното видео “Метросесксуалци“, очигледно поимите му се измешале па место за метросексуалци, почна да дискутира за хомосексуалци. И секако неспорен е фактот дека секој може да зборува за што сака, да не речем да го каже своето мислење. Е сега тука има два спорни моменти, што се кажува и кој го кажува.

Првиот момент, што кажува…. Тука претпоставувам дека на многумина им стана јасно за што се работи (судејќи по бројот на dislike под видеото) дека на долго и широко се шират стереотпи за геј луѓето. Е сега тука нема да ги набројувам сите спомнати стереотипи, затоа што се разбира треба да направам транскрипт на целиот клип.

Вториот момент е кој тоа го кажува….. Неспорен е фактот дека многумина Марјан го нарекуваат интернет чудотото, затоа што за два дена од постирањето на било кое видео има стотици илјадници прегледи. Е сега тој број на прегледи секако го прави популарен. А популарноста секако би требало да носи некаква одговорност. Барем по логичниот след на настаните. Е кога збориме за одговорноста, би требало да се подзамисли дали по цена некого да засмее (иако е дискутабилно колку насмеал со овој клип), ќе навреди некој друг или ќе зацврсти некој стереотип за некоја група на луѓе (а стереотипите се невистини т.е. лаги).

Се разбира стенд ап комедијата треба да засмејува, но никако да навредува, без разлика за било кој/и се работи.

И сето ова се разбира не води кон создавање на едно толерантно општество. А претпоставувам дека дека тоа е цел барем на мнозинството од луѓето.

И се разбира коментарите пишете си ги под постов, па ќе дискутираме или пишете ми на твитер @daniol_

(Не)видливи жени- дискретни хероини

8-ми март, Меѓународниот ден на жената…….

Што прво ви паѓа на памет кога ќе се спомне 8-ми март? Секако првото нешто се црвените рози (или некое друго цвеќе што треба да се купи за мама, баба, дада), можеби собирање со колешките од работа или купување по некој парфем. Но, oва се разбира е далеку од вистинското значење на овој меѓународен ден.

Оваа година кај нас се случува нешто поинакво. Скопје ќе биде на светската мапа на иницијативата „Join me on the bridge” Кај нас, оваа иницијатива на неформална група има за цел да ја зголеми јавната свест за улогата и не/видливоста на жената во нашето општество. Прошетката на 8-ми започнува од 12 часот од Жена парк, а ќе заврши од другата страна на Камениот мост.

Исто така повеќе информации за настанот можете да прочитате и на настанот на фејсбук.

 

Додека пак во Киното Фросина по трети пат се организира вечери на женски права. Од 5-ти до 8-ми март секоја вечер има кино проекција на филмови поврзани со жените, нивните права и нивниот статус. Целата програма можете да ја погледнете на настанот на фејсбук.

Затоа ако сте решени овој 8-ми март да го поминете поинаку, има што да правите :)

Мaшки мозок од птичја перспекитива

Подолго време се обидувам да сфатам како и зашто функционира машкиот мозок, т.е не подолго -цел живот се трудам да ги разберам и со моите 23 години сфатив само дека поголемиот дел од нив  не знаат добро да комбинираат бои и кога има лига шампиони слават нова година. Најчесто  у диско глуми предратни швалер (чест на исклучоците) .Фала богу тука доаѓаат девојчиња и паѓаат у  несвест пошо он нели вечерта е најубавиот дечко (или не),  игра со сите (е тука веќе убацува и мултитаскинг-алелуја).  И така си поминува вечерта , он си пие ,они играат (или играат и пијат на негова сметка)- супер му е. На крајот на вечерта пикира една (да претпоставиме дека си ти)  и следува познатата фраза: ”Сакаш да те носам дома?”.  Ти не би отишла ама ете поскапе таксито сирота треба цел џепарлак на такси да го дадеш и се согласуваш (“со тешко срце”),  друга варијанта е дека многу  ти се свиѓа  си припаѓаш у филм дека  ќе се гушкате у кола а трета варијанта е дека и ти го сакаш истото што и он. И искачате од диско (за рака држење со полиција) , влагате кај него у кола и тука веќе може да наѓаѓаме:  или е премногу пијан па ти го возиш до дома и си фаќаш такси и трошиш дупло повеќе пари отколку кога сама би си отишла од диско, или е толку пијан шо не знае што збори и ти ја упропастува цела недела или те  носи кај него и тука веќе почнува долгата и макотрпна борба. Ако му дадеш тогаш си  дроља, ќе ти се јави уште два пати после диско и ќе те откачи. Ако не му дадеш автоматски се понашаш како тинејџерка како демек тоа си иде по default -ако влезеш кај него мораш да му дадеш. Ни на крај памет не му доаѓа може си отишла рецимо да видиш кај му е куќата за да можеш утредента со другарките да си играте Tour de France  кај него у маало.

АМА нема, си бираш  или ќе му дадеш и ќе го видиш уште два пати максимум (ако добро се покажеш) или нема да му дадеш и никад нема да го видиш па уште цела вечер ќе си слушаш прекрасни епитети наменети само за тебе (сите тие ти ги сервира додека поторно и повторно се обидува да си го добие топа шо си го сака). И во двата случаи , како и секој нормален човек заспива. У првиот случај и ти ќе заспиеш ваљда  насмеана мислејќи дека утредента или ќе ти стане дечко или у најмала рука ќе доручкувате заедно (како во филмовите),  а во вториот случај е малце позаебано. Ти седиш и се колнеш зашо дојде и си нагаѓаш која му е адресата за да си викнеш такси (дали имаш или немаш пари на sleepy јо не му е у опште битно, дечкото си сонува) и си чекаш и чекаш додека не му текне дека има некој што вегетира до него. Кога ќе сфати дека има жив човек до него најдобрата варијанта шо може да се деси е он да ти викне такси и пак да си заспие. А тебе ти останува да си ги земеш штикличките и да се обидеш да не лупаш по скали да не чујат комшии (не дај боже да живее у зграда), а ти да не се возиш у лифт, автоматски си играш игри без граници, безшумно симнување по скали со штикли. По пат и се јавуваш на другарка ти , ја пцуеш првво неа  10 мин. зашо те пуштила да одиш па после ваљда ти снемаува кредит и си го пцуеш мобилниот оператор останатите 10. Ако си на сметка тогаш ја замараш другарка ти, се пцуеш себеси па него па Скопјево ти е грдо и така си стигнуваш дома и си чекаш повик од заспаната убавица кој најчесто никогаш не го добиваш. За среќа не се сите вакви ги има и оние што не искачаат, оние мирните у диско што се гужваат на подиум (научно докажано, тие се најнепосакувани машки у диското, нема везе дали се убави , паметни и сите оние бабини деветини што ни ги кажувале мајките),  ги има и спортистите (најчесто не пијат и им се приспива од помислата за диско),  научниците (единствен начин да го шармираш е да научиш историја и да му редиш години и владетели дур он лежерно си ја пие пијачката) има и швалери (ги пуштила девојката да искочат и скокаат ко прле пред магаре на се шо има поголем граден кош, а притоа не оној на девојка му) има и верни  (е тие ретко  искачаат) има и лабави (најчесто се у женско друштво и не гледаат лево десно) има и тепачи (не се препорачливи за правење муабет освен ако не сакаш кантер да си играш цела вечер) , пијандурчиња( ги нареков пијандурчиња пошо пијаница многу екстремно звучи, они у принцип не те приметуваат многу многу , единствено време за муабет ти е паузата меѓу пијачки (во просек 60 секунди),  полагачи (искочил сред сесија и, ти сигурно не си му приоритет), итн. итн..Ги има многу ,а меѓу нив сигурно има и некое твое моделче.

Епа за да не си го пропуштиш моделчето иди и прави си тебе што душа ти сака пошо ако треба да им го правиме нивниот мерак ќе треба да се шетаме у подвезици и да се разбираме у фудбал а притоа да бидеме паметни, убави, културни, добри, амбициозни, добри во кревет, мирни,  забавни  бла бла бла….

 

П.С. Кој ќе се пронајде у ова нека размисли два пати а кој не STAY COOL!

 

 

Реакција на прилогот ’Татко му на Рики Мартин: горд на геј синот’, емисија Backstage

Предмет: Реакција на прилогот ’Татко му на Рики Мартин: горд на геј синот’, емисија Backstage ( )

До: Упредничкиот тим на емисијата Backstage и остантите медиуми во Р.М

 

Почитувани,

Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници најостро реагира и го осудува прилогот на Backstage, објавен и на нивната веб страна, а со наслов ’Татко му на Рики Мартин: Горд на геј синот’, потпишан од Снеже Велков. Имено, Коалицијата смета дека погоренаведениот текст претставува уште еден од серијата новинарски текстови и прилози кои учествуваат во креирањето и одржувањето на дискриминаторската и хомофобичната атмосфера, зацврстувањето на хетеронормативната матрица и популизмот, како и подривањето на плуралниот и демократски простор  во Република Македонија.

Под маската на забавен говор, кој има за цел да ја развесели и насмее македонската публика, сметаме дека прилогот е загрижувачки од неколку аспекти. Креирањето на хумористичниот и забавен тон на прилогот е овозможен со посредство на манипулацијата на најзакоравените стеротипи и патологизирачки репрезентации на хомосексуалците, како во традиционалните психијатриски, така и во популарните, односно народните дискурси.

Термините ’обратен’ и ’вози во риквец’, употребени со сексуална конотација, се само едни од патологизарачките и деградирачките термини со кои ненормативните сексуални идентитети и практики во македонскиот контекст се конструираат и исклучуваат од доменот на секојдневието и матрицата на она што претставува нормално, исправно и човечки легитимно однесување и изразување на љубовта и сопствената сексуалност. Стигматизирачкиот, подбивниот и девалвирачкиот потсмев и иронија кои во себе ги носи употребата на овие термини кога се именуваат нехетеросексуалците, може да бидат забавни и хумористични единствено доколку се земе предвид дека истите мобилизираат цела историја на опресија, насилство и исклучување, односно, историја на политика на посмевање и деградирање и  генерален негативен став кон нехетеросексуалците.  Во тој контекст се поставува прашањето зошто новинарката не одлучила да се подзабавува и поднасмее на сметка на хомофобичните реакции на јавноста по однос сексуалноста на Рики Мартин?

Во овој контекст загрижувачки е и принципот на забава и хумор во пристап кон прашањата кои длабоко се вкорените во социјалната нееднаквост, неправда и насилство. Како што не учеше Адорно, овој пристап на мас продукциите и културните индустрии единственото што го прави е што ги оневозможува нашите капацитети за критичко промислување и афективно реагирање на политичките и социјалните неправди, а во името на разонодата и диктираната насмевка. Конечно, загрижувачки е дека овој прилог се наоѓа на една од најгледаните телевизии во Македонија, со што далекусежноста на последиците не може ни од далеку да се предвиди.

 

Посебно застрашувачки е последниот исказ од прилогот: ’Море ќотек за тебе Мартине’, кој доаѓа како своевидна реплика и неодобрување дури и на реакцијата на неговиот родител која би требало да биде пример за сите родители во Македонија. Овој исказ изнудува единствено две интерпретации. Или авторката на прилогот сака да ни укаже каков треба да биде односот кон и нормализирањето на хомосексуалците (Ќотекот е излезен од рајот?, Газот и носот не се за чест?, Седи мадро да не биде модро?) или сака да ни го соголи пред очи, и притоа самата подривајќи се, механизмот на дисциплинирање, нормализација и фабрикување на сексуалноста на децата уште од мали во рамки на семејството (со што ни подврдува дека приватното е политичко) како насилна стратегија на исклучување, поништување и казнување на серија други можности на сакање и практикување на љубов  и сексуалност.

 

Имајќи предви дека медиумите несомнено денес се главните креатори на јавното мислење и основниот извор на информации, ние сметаме дека да се почне со промена на јазикот и општеството денес значи да се почне со таа промена токму во медиумите. Не мислиме притоа на продуцирање демократски говори единствено во името на апстрактната демократија, а без притоа да се менува и политичкото и општественото постоење на  мислата, уверувањата и ставовите. Да се говори коректно значи да се мисли коректно. Единствено низ таквото еднинство јазикот има смисла, а нашето постоење се стекнува со димензијата на човечност и етичност. Да се говори демократски значи и да се дејствува демократски, да се живее и создава демократски, да се креира недискриминаторско општество кое подеднакво го вреднува животот на секое човечко суштество и кое обезбедува простор и услови за реализација на секоја индивидуа.

 

Врз основа погоренаведеното, Коалицијата бара тимот на емисијата и водителката да им се извинат јавно на сите нехетросексуалци и демократски граѓани на оваа држава, а со тоа и да застанат зад одбраната на отворено, плурално и демократско општество и во борбата против дискриминацијата и говорот на омраза. 

 

Коалиција за заштита и промоција на здравствените и сексуалните права на маргинализираните заедници. 

Шведскиот суд ќе отвори случај поврзан со садомазохизам

Шведскиот суд наскоро ќе отвори случај кој што треба да преиспита колку сексуалното насилство е легално дозволено помеѓу двајца партнери кои дале согласност за таквиот чин. Ова е случај на 32 годишен маж и 16 годишна девојка кои што се сретнале преку сајт за запознавање.

Тинејџерката, по насоките на на 32 годишниот маж, напишала писмо во која шта таа тврди дека сакала да биде злоупотребена и крајно понижувана. Според тврдењата на ТВ Малме, кога тие се запознале, помеѓу другите работи, ја заклучил во кафез и и ставил метални штипки за нејзините гради.

Полицијата се вмешала во целиот случај кога роднина на девојката забележала модрици по нејиното тело.

Обвинителот, Улрика Рогланд, во обвинението отфрла дека се работи за силување, затоа што постоела согласност помеѓу двајцата партнери. Сепак шведскиот ќе го разгледува случајот затоа што смета иако имало соглансот помеѓу двајцата партнери, кога се работи за насилство постојат легални граници кога се работи за насилство макар и да има согласност за тоа.

„Она што сакам да се воспостави е дека иако личноста се согласила на тој чин, некој друг нема право сериозно да повредува. На ова прашање, сега месно надлежниот суд треба да пресуди дали се работи за сериозно повредување и дали таа можела самостојно да одлучи за тоа„ изјавила Рогланд за локалните весници.

Адвокатот на мажот вклучен во случајот бил многу изненаден поради ваквотот обвинение и во случајот ќе вклучи експрет за садомазохизам, кој ќе даде свое сведочење.

Вакво прашање никогаш не се отворило во шведските судови, според експертот Лена Хомквист од универзитетот Упсала.

„Ние сега навистина ќе пробаме како работите функционираат со овој случај и ќе утврдиме до која мерка согласноста може да ја попречува потребата за насилен секс“, изјавила Хомквист.

Мислам дека сум геј и сега што?

ШТО ЗНАЧИ ДА БИДЕШ ГЕЈ?

Мажите кои што себеси се нарекуваат геј (хомосексулаци) се сексуално привлечени и можат да се заљубат во друг маж. Нивните сексуални чувства кон други мажи се нормални и вообичаени за нив. Овие чувства тие ги имаат кога се момчиња и продолжуваат во текот на целиот живот.

Понекогаш некои геј мажи велат дека се привлечени и од жени, но привлечноста кон мажите е многу посилна и поважна за нив. Некои експерти пресметуваат дека 10% од светската популација е хомосексуална. Тоа значи дека во секоја поголема група на луѓе, има веројатност дека има неколку геј или лезбејки во таа група.

Сепак никој не може да каже за некој дека е геј (или лезбејка) се додека тој/таа не сака да знаат другите. Геј луѓето се согласуваат сосема добро со сите други луѓе, но тие се чувствуваат поразлично од другите. Многу тинејџери и не можат да кажат зашто тие се чувствуваат поразлично. Можат да забележат дека сите момчиња околу нив ги привлекуваат девојки. Затоа, геј тинејџерите не знаат каде припаѓаат и не се чувстуваат пријатно да зборуваат за своите чувства со возрасни.

КАКО ДА ЗНАМ ДАЛИ СУМ ГЕЈ?

„Откако паметам за мене, јас се чувствував дека сум поразличен од другите деца. Кога имав околу 11 години, почнав да имам сексуални чувства за личности од двата пола. Читајќи некои книги за сексуална едукација мислев дека тоа е само некоја фаза и тоа ќе помине. Не сфатив се додека имав 15 години, дека тоа чувствата кон девојките беа фаза и тоа помина. “ – Пабло, 19 години.

„Јас споро сфатив дека сум геј. Се до 6-то одделени не си дозволував на себеси да мислам за момчињата во сексуална конотација затоа што мислев дека тоа е погрешно. Сепак во 10-то одделение, сфатив што сум дека нема ништо погрешно во тие чувства.“ – Џозеф, 16 години.

Можеби не знаеш како да ги наречеш твоите сексуални чувства. Не треба да брзаш да се етикетираш себеси. Сексуалниот идентитет се развива низ годините. Најголемиот дел од момчињата адолесценти интензивно се развиваат сексуално околу пубертето (11 до 15 години), кога почнува телото да се менува и да се лачат повеќе хормони. Тие чувства можат да бидат толку силни што не се насочени кон една личност посебно, туку тие се побудуваат без некоја посебна причина. Со текот на времето ќе сфатиш кој точно те привлекува. Чувствата на момчињата кои што се геј, стануваат се појасно фокусирани. Можеби ќе се заљубиш во некој од твоите соученици или некој друг маж. Можеби овие чувства кај тебе ќе побудат задоволств, можеби непријатност или пак ќе бидат измешани. некои момчиња, на возраст од 16 или пак 17 години почуваат да размилсуваат како да се нарекуваат себеси, на други пак им е потребно повеќе време. Ако мислиш дека можеби си геј, ова се некои прашања кои што мошеш да си ги поставиш себеси:

  • Кога имам сексуални фантазии дали тоа се фантазии за момчиња или пак девојчиња?
  • Дали некогаш сум бил заљубен во момче?
  • Дали се чувствувам поразлично од другите момчиња?
  • Дали моите чувстав кон момчињата јасни?

Ако не си сигурен за одговорите на некои од овие прашања, не се грижи. Ќе ти биде појасно околу твојот сексуален идентитет за некое време. Само ти ќе знаеш како да се нарешеч себе си.

ДАЛИ ТОА Е  НОРМАЛНО?

„Почувствував олеснување… намалување на чувството на тотална изолација и осаменост. .. и дефинитвно чувство на ослободување кога конечно можев да зборувам отворено за хомосексуалноста.“ – Мајк, 18 години.“

Да ти си дефинитвно нормален. Многу луѓе се геј. Дали сакаш на научиш повеќе? Денес постојат многу релевантни информации околу хомосексуалноста кои што можеш да ги најдеш на интернет. На пример можеш да ја посетиш оваа страница http://www.amplifyyourvoice.org/youthresource (на англиски јазик) или пак страницата на организацијата ЕГАЛ (која што работи во Македонија) http://www.egal.org.mk/ (на македонски јазик). Исто така можеш да се јавиш и на нивата геј инфо линија за превенција за превенција од ХИВ/СИДА и сексуално пренослив инфекции секој работен ден од 13 до 21 часот на телефон 02/3220-851.

А ШТО ЗА ХИВ/СИДА?

„Ние секогаш треба да бидеме претпазливи. Јас секогаш се грижам кога сум со некого користам заштита.“ – Ерик, 16 години.

Сметам дека за прашањето за побезбеден секс треба отворено да се разговара и ако се работи за искрена врска зборувањето за побезбеден секс не треба да претставува проблем.„ – Кип, 18 години.

Сите сексуално активни луѓе треба да бидат информирани за ХИВ/СИДА. Тоа што си геј нема да те инфицира со ХИВ, но одредено сексуално однесување може да те стави во ризик да се инфицираш со ХИВ. СИДА-та е неизлечива болест, но таа може да се превенира.

Ова се неколку совети како може да се заштитиш од пренос на овој вирус:

  • Користење на игли за вбризгување на дрога е најголем ризик преку кој што може да се пренесе ХИВ
  • Зборувај со својот партнер. Не треба да имаш секс ако ти тоа не го сакаш
  • Избери некое однесување, кое што не вклучува сексуаален однос – гушкање, бакнување, масирање или зборување
  • Избегнувај незаштитен секс или било кој друг незаштитен анален контакт. Аналниот незаштите однос носи најголем ризик за пренос на ХИВ. Ако имаш анален секс секогаш користи кондом
  • Користи кондом од латекс кои што се чувани на безбедно место и не се оштетени. Чувајќи далеку од извор на топлина. Твојот паричник не е добро место за чување на кондомите.
  • Секогаш користи кондом за секој сексуален однос – орален, анален или вагинален

КАКО ДА НАУЧАМ ДА СЕ САКАМ И ПРИФАТАМ СЕБЕСИ?

„Мислам дека она што најмногу ми помогна да се прифатам себеси како личност – знаејќи ги моите надеши, цели, чувства за мојот живот. најубавата притобивка потоа е можноста да ја прифатам мојата ориентација.„ – Тајсон, 17 години

„Мене најмногу ми помогнаа моите пријатели. Тие ми помогнаа низ тешките моменти, а оние убавите ми ги направија уште поубави. Мислам дека тоа што бев отворен и искрен со себе си и со другите ми помогна да научам дури и повеќе за мене.“ – Ален, 18 години.

Не е едноставно да кажеш дека си геј. некои луѓе се чувствуваат непријатно кога се опкружени со геј или лезбејки, а некои дури и ги мразат. Затоа и не е воошто чудно зашто некои геј или лезбејки не сакаат да ја откријат својата ориентација. Можеби и ти се чувствуваш токму вака или пак дури можеш да ги скриеш твоите чувстав и до себе си. Моежеби и си загрижен дека луѓето околу тебе ќе отркијат за твоите чувства. Можеби и ќе одбегнуваш други малди геј луѓе, бидејќи ќе бидеш загрижен што ќе мислам другите околу тебе.

Трудејќи се силно да ги скриеш твоите чувства се нарекува да „бидеш во плакар“ (being in closet). Тоа е осамено и тешко место да бидеш, собено ако си таму само за да преживееш. Треба многу енергија да ги одрешеч своите чувства. Можеби си пробал дрога или алкохол само за да ги оттргнеш овие чувства и грижи. Можеби и си помисил и да се самоубиеш. Но сепак ти и твоите чувства се вредни и треба да ги надминеш овие чувства.

НА КОГО ТРЕБА ДА МУ КАЖАМ?

„Времето кога некој треба да „се открие“ (to come out) е единствено самостојна одлука и никој друг не треба да реши за тоа. Младите кои што сметаа дека за своите чувства треба да зборуваат со некого, треба да најдат безбеден простор каде што ќе го споделат тоа“ – Крис, 21 година.

„Луѓето кои што најпозитивно реагираат на тоа што ќе им кажеш за себе си, се оние кои што те прифаќаат и кои што не велат само дека е ок, туку вистинско со своето однесување покажуваат дека тоа тие искрено го мислам“ – Џон, 18 години.

Повеќе и повеќе млади луѓе учат да се чувствуваат подобро за себеси. Слушајќи ги твоите најдлабоки чувства и учејќи за тоа што значи да бидеш геј, ќе почнеш да се чувствуваш пријатно со твојата сексуалност. Овој процес е наречен „откривање“(coming out). Првиот чекор кон ова е да се кажеш на самиот себе дека си геј и да го причатиш тоа. Подоцна можеби ќе сакаш да го кажеш тоа на некој друг, некој на кој што можеш да му веруваш. Можеби ќе одбереш да го кажеш тоа на некој твој пријател/ка, роднина, на родителите или на некој повозрасен. Некои млади луѓе се чувствуваат подоготвени тоа и да го соопштат на своите семјства. Некои пак не се. Започни со некој на кој што можеш да му веруваш, а останатото ќе развива како што треба.

На почетокот биди претпазлив на кого му кажуваш, но биди искрен со себе. Себе порекнувањето може да те чини, откривањето пред другите може да се исплати. Кога младите луѓе ја прифаќаат својата сексуалност, тие велат дека се чувствуваат поспокојно, посреќно и посамоуверено.

Превзмено и адаптирано од Advocates for youth.

И за крај на овој наш пост едно интересно видео ;)

Follow

Get every new post delivered to your Inbox.