Сензационализам во однос на ХИВ/СИДА
November 5, 2011 Leave a Comment
Начините на кои медиумски се конструира СИДА-та како болест, честопати се проследени сосензационалистички претставувања и заплашувања. Иако сензационалистичкото претставување и заплашување не беше забележително како во претходните години, можат да се наведат неколку примери. Сензационалистичкиот наслов „Со ХИВ расте опасноста од срцеви болести,се повикува на научна студија што ја демонстрирала „поврзаноста на ХИВ со срцевиот застој…“. Иако кусиот информативен текст наликува на останатите текстови напишани во „научно-едукативен“ стил, заклучокот на текстот е заплашувачки: „Во текот на седумте години истражување, 186 испитаници добиле застој на срцето.” Сензационалистичкиот напис „Нов лек против сида“ започнува со извичната реченица „И сидата може да се излекува!“, вест што „секако, ќе израдува милиони луѓе насекаде во светот“. По догматските охрабрувачки тврдења на почетокот на написот, следуваат обесхрабрувачки информации: „медицинската постапка е тешка операција, бара вистински донатор, и со себе носи одреден ризик од смрт“, а „… стручњаците не се сосема сигурни дали Браун е 100 отсто излекуван…“. Во заклучокот на кусиот текст, ХИВ е сензационалистички опишан како „колера на современото време“, а конфузното поистоветување на ХИВ со СИДА кулминира во завршната „утешувачка“ поента: „не мора нужно секое лице кое е носител, да заболи од оваа болест“.
Ова е дел од Извештајот за медиумите и маргинализираните заедници, подготвен од Колацијата „Здравствени и сексуални права на маргинализираните заедници“.